Пенов: Придобивките од собирањето и преработката на отпадот од лозовите насади се чиста, зелена енергија

Преку проектот за развој на систем за управување со органски отпад во производство на грозје и на вино во Тиквешкиот регион, денеска беа презентирани придобивките од циркуларната економија и можностите за претворање на отпадот во енергија.

Наместо да се трошат пари за складирање и уништување, отпадот можеме да го претвориме во енергија или нов производ кој што ќе биде баран на пазарот , рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов.

Ваквите иновативни, зелени идеи, ако се добро развиени, можат да бидат финансирани од Европската Унија, а кофинансирањето од 15% го обезбедува Министерството за локална самоуправа. Токму затоа сакам да ја поздравам иницијативноста на винаријата Бовин и да ги повикам градоначалниците да подготвуваат проекти кои се иновативни и конкурентни. Идејата е пред нас, да ја претвориме во реалност.

Министерот за локална самоуправа изрази задоволство што е препознаена улогата на општините и на регионите во развојот на иницијативата за преработка на отпадот и создавање на нова вредност. 

Корисноста ќе биде голема за сите. Развиените земји многу вложуваат во циркуларната економија,  пред се затоа што е дел од зелената агенда и затоа што се работи паметно. Време е ние, не само да ја промовираме идејата, туку да почнеме со конкретни активности.

Проектот се спроведува со поддршка од германската Влада преку Германското друштво за меѓународна соработка и винаријата Бовин, а вклучен е и Центарот за истражување и креирање на политики во подигнувањето на јавната свест меѓу јавниот и бизнис секторот.

Со воспоставување на јавно-приватно партнерство, бизнисот и општините заеднички можат да се вклучат во овој процес од што придобивки ќе имаат сите, вклучително и државата. Ваквите иницијативи го поттикнуваат претприемачкиот дух, а институциите и општините треба да создадат услови за реализација на бизнис идеите, рече министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов.