Потпишан договор со EBSCO Publishing-водечки светски агрегатор на електронски бази на податоци

Министерството за образование и наука, Универзитетската библиотека „Св.Климент Охридски“ и сите државни универзитети во земјата потпишаа договор со EBSCO Publishing, Ипсвич од САД за пристап до 14 бази на електронски научни списанија со фактор на влијание.

Со потпишување на овој договор, базите ќе станат достапни до државните универзитети, односно до научните работници и студентите од високообразовните институции и јавните научни установи во државата.

- Република Македонија преку националниот договор обезбеди пристап до 14 бази на податоци на EBSCO кои вкупно опфаќаат околу 50.000 списанија од кои над 18.000 се е-списанија во целосен пристап, голем дел се високонаучни цитирани списанија со фактор на влијание, 300.000 е-книги, 10.000 биографии, над 140.000 документи, над 270.000 фотографии, мапи, знамиња и други документи, информираше на денешната промоција министерот за образование и наука Панче Кралев.

Најголемата база на EBSCO, Academic Search Premier, нагласи министерот, содржи 8.600 списанија во цел текст од кои 7.500 се научни, над 1.500 списанија ги поседува најзначајната светска база Citation index и тоа над 800 наслови списанија од Science Citation Index ги содржи EBSCO, додека повеќе од 700 списанија во цел текст кои ги има базата Social Science Citation Index ги содржи EBSCO.

- Пристапот до овие бази ќе овозможи подобрување на условите за работа на научно-истражувачкиот кадар во Република Македонија, како и приближување на резултатите од научно-истражувачката дејност до светските научни достигнувања. Професорите и студентите на високообразовните и јавните научни установи ќе имаат он лајн пристап до високо цитирани научни списанија, со што ќе се постигне унапредување на квалитетот на високото образование, како и континуирано следење на најновите резултати од научно- истражувачката дејност во светот, додаде Кралев.

Македонските студенти, потенцираше, ќе може да пребаруваат и од дома со лозинките кои ќе ги добијат. Идејата, како што рече Кралев, е да може да ги користат податоците во секое време.

EBSCO претставува водечки светски агрегатор на елетронски бази и банки на податоци основан во 1944 година, а годишната членарина за базите изнесуваше 34.100 долари. Во базата се застапени и 89 наслови списанија во издание на Emerald. EBSCO е една од 200-те најголеми компании во САД.

Academic Search Premier i Business Source Premier заедно поседуваат над 7.000 научни списанија ви цел текст, Proquest содржи околу 3.600 списанија, а Web of science 3.100 наслови.