Сарачини: Од септември уште еден вид субвенционирање за вградување сончеви колектори

Министерството за економија е во преговори со неколку банки за воведување на таканаречени „зелени кредити“ за вградување на сончеви колектори во домовите со што би се искористиле и европските средства кои се на располагање за оваа намена.

Ова го најави министерот за економија Ваљон Сарачини при денешната посета на скопското семејство Сурмеан кое во својот дом има вградено сончев колектор од Програмата на Министерството за економија за надоместување на дел од трошоците за купување и вградување соларни колекторски системи во домаќинствата.

- Од септември во соработка со банките ќе почнеме со вториот дел на субвенционирање за вградување на сончеви колектори, односно плаќање  на девет рати. Тоа ќе значи дека домаќинствата ќе треба да плаќаат некаде по 60 до 70 евра месечно за вградување на ваков систем, изјави министерот Сарачини. 

Уште 10 дена рок имаат граѓаните да аплицираат за добивање субвенции за јавниот оглас за обезбедување поврат на инветираното за поставени сончеви колектори. Досега околу 1.200 граѓани поднеле барања за субвенции, а од Министерството за економија очекуваат заклучно со крајниот рок 31 мај да пристигнат околу 1.500 апликации.

На 9 јуни ќе се одржи јавно извлекување по случаен избор на оние кои аплицирале за поврат на средства. На преку 300 граѓани кои купиле и вградиле соларни системи во нивните домови, ќе им бидат вратени 30 отсто од парите што ги потрошиле, но најмногу до 300 евра.

Во Македонија 20-тина илјади домаќинства веќе поставиле соларни термални колектори. Според експертите, со оглед на бројот на сончеви денови што ги нуди земјава тоа не е голема цифра. Тие сугерираат дека вложените средства за вградување на соларен систем се враќаат за две до три години.

Виолета Сурмеан од Скопје изјави дека воведувањето на соларен систем во нејзиниот дом ја чинело 1.000 евра.

- Имам поставено три соларни колектори со бојлери за сите три ката од мојот дом. Само за загревање на водата во класични бојлери јас би требало да трошам по околу 4.000 денари за електрична енергија во летниот период, истакна Сурмеан.