Средба Османи-Борел: Со поддршка на ЕУ и дипломатска акција, ОБСЕ ќе придонесе за европска безбедност

Претседавачот на ОБСЕ Бујар Османи, денеска во Брисел оствари средба со Жозеп Борел, Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија. За време на посетата, Османи ја потенцираше природната и цврста врска меѓу ЕУ и ОБСЕ, како и сите земји учеснички на Организацијата, што е поволен простор за заедничка работа и исполнување на заедничките обврски. Северна Македонија, како земја претседавач, строго ќе ги почитува основните принципи и вредности на ОБСЕ. Во фокус на Организацијата ќе биде Украина, односно човековата безбедност во време на регионална и глобална несигурност и нестабилност, потенцираше Османи.  

„Нашето претседавање оваа година ќе се раководи од веќе договорените обврски на сите 57 земји учеснички на Организацијата. Нема да правиме компромиси кои ќе ги загрозат основните документи и со консензус усвоени одлуки на ОБСЕ. Најголемиот предизвик останува воената агресија на Русија врз Украина. Тоа е неоправдана војна врз независна држава, членка на ОБСЕ. Руската Федерација со воената агресија врз Украина, флагрантно го прекрши Хелсиншкиот завршен документ и сите заложби и принципи на Организацијата“, изјави претседавачот на ОБСЕ Османи.

Османи истакна дека ОБСЕ ги има сите механизми и алатки кои нудат конкретна поддршка за луѓето на сите земји учеснички во Организацијата, бидејќи како што потенцираше „на крајот од сè ‘За луѓето се работи’“. Тој истакна дека Северна Македонија своето знаење и искуство ќе го пренесе во регионот на ОБСЕ преку претседавање со Организацијата. 

„Северна Македонија преку меѓуетничките односи, културата на дијалог што ја наметна, културата на компромис и добрососедските односи, создаде имиџ за државата, како и за препознатливост во меѓународната заедница. Ние сме модел во регионот за функционална мултиетничка демократија, со загарантирани права за сите заедници кои живеат во Северна Македонија“, посочи Османи.

На средбата Османи – Борел се зборуваше и за заложбата на ЕУ и тесната соработка со нејзините делегации во Скопје и Виена кои беа од клучна важност во сите фази од подготовката на Северна Македонија да го преземе претседавањето со ОБСЕ. Претседавачот на ОБСЕ ја потенцираше и важноста на соработката меѓу ОБСЕ и ЕУ што би придонела за функционалност на Организацијата.  

„Земјите членки на ЕУ, се учеснички и на ОБСЕ. Синергијата помеѓу овие две организации може да помогне во унапредување на процесите кои понекогаш изгледа дека се блокирани во Хофбург“, посочи Османи.

На крајот од средбата, тој потенцираше дека Северна Македонија останува кредибилен партнер на меѓународната заедница и ЕУ, почитувајќи ги нејзините вредности и принципи. Посочи дека Северна Македонија, сега како земја преговарач за членство во ЕУ, има за цел во блиска иднина да претседава со Советот на ЕУ. 

„Ние сме посветени на оваа задача и сме благодарни на континуираната поддршка на ЕK и на потпретседателот Борел, но и на другите институции на ЕУ и земјите-членки. Нашиот успех ќе биде и заеднички успех“, изјави Османи.