Фокусирани кон членство во ЕУ и негување на добрососедските односи, со НАТО ја гарантираме сопствената и придонесуваме кон колективната безбедност, борбата со организираниот криминал и корупцијата остануваат наши приоритети

„Надворешна, безбедносна и одбранбена политика, предизвици и можности за обезбедување меѓународна соработка и сигурност“ беше темата на денешната втора панел дискусија како дел од годишната конференција „Година на нови можности“, на која земаа учество министрите за надворешни работи, за одбрана и за внатрешни работи, Бујар Османи, Славјанка Петровска и Оливер Спасовски, како и деканот на Факултетот за безбедност – Скопје, проф.д-р Никола Дујовски и претседателот на Евро- Атланскиот совет Исмет Рамадани.

Преку видео-обраќање од Брисел, каде што во својство на Претседавач со ОБСЕ, престојува во посета на НАТО и ЕУ институции, министерот за надворешни работи Бујар Османи нагласи дека надворешната политика останува фокусирана во реализација на клучната стратешка цел: членство во Европската Унија заклучно со 2030 година. Во тој контекст, врвен приоритет останува негувањето на добрососедските односи, вклучувајќи го и дијалогот со Република Бугарија.

„Во однос на Бугарија, имаме искрени намери да го вратиме позитивниот тренд на дијалог и соработка, воспоставен минатата година, иако, на краткорочен план, претстојните избори кај нив се отежнувачка околност за прогрес на билатералните односи.

Сепак, остануваме посветени на смирувањето на тензиите и деескалација на вжештената атмосфера, која се огледа и во непропорционалните реакции за еден единствен случај, за кој државата веднаш ги презеде сите потребни мерки за негово расчистување. Важно да не дозволиме провокативни тенденции од двете страни на границата да го киднапираат процесот во насока, што нема да е од интерес за двете држави. 

Но во секој случај е во интерес на трети актери, со кои немаме многу заедничко“, рече Османи, додавајќи дека оваа година земјата има исклучителна можност да се докаже како кредибилен партнер на меѓународната заедница, преку претседавањето со ОБСЕ, САД-Јадранската Повелба, како и со Процесот за соработка во Југо-источна Европа.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска на панелот се осврна на позицијата на Северна Македонија во однос на безбедносните предизвици на континентот и укажа на придобивките за земјата од членството во Алијансата во која 30 земји се обединети и здружени во гарантирањето на безбедноста на секоја педа сојузничка територија.

„Многупати во периодот по 24 февруари 2022 година го добивав истото прашање – дали Северна Македонија е безбедна? Одговорот, без сомнеж, јасно и гласно кажан е - ДА. Нашата татковина и денеска заедно со прогресивните земји, здружени од современите вредности и идеали, ја гарантира сопствената безбедност и дава свој придонес кон колективната безбедност во НАТО“, рече министерката.

Во однос на развојот на одбраната и Армијата, Петровска истакна дека за да имаме силна Армија вложуваме во опремување и модернизација, но не смееме да го заборавиме човечкиот капацитет и во тој контекст ги образложи измените во Законот за служба во Армијата минатата година кои донесоа сет на бенефити за армиските припадници, како и законското решение за вработените во одбраната кое е во финална фаза на изработка.

„Не можете да имате силна Армија ако се потпрете само на опремата и вооружувањето, а притоа го занемарите човечкиот капацитет. Токму тоа беше и целта на носењето на овие измени и дополни на Законот за служба во Армија со кои уште повеќе придонесовме за кревање на стандардот на припадниците на македонската армија и притоа она што е најважно - создадовме услови за привлекување на млади кадри. 

Можам да споменам само неколку придобивки - редовно покачување на платите, усогласување со минималната плата, понатаму отпремнина за секој војник кој ќе наврши 45 години и тоа во износ кој е поврзан со просечната плата, понатаму следуваат и додатоците за станарина што исто така преставува дополнителна мотивација или дополнително зголемување на стандардот, но истовремено се отвара можноста и за стипендирање на млади кадри“, рече министерката на панел-дискусијата.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на прашањето како МВР од аспект на внатрешната безбедност се справува со организираниот криминал, шверцот со дрога и корупцијата, како и проблемот со мигрантите, како безбедносни предизвици кои не препознаваат држави и граници посочи дека 2022 за МВР беше успешна година со 2,4 тони запленета дрога со вкупна вредност од околу 6 милиони евра, со околу 20 тони прекурсори за производство на синтетичка дрога и со рекордни 10,3 тони уништена дрога. 

Тој потсети дека во 2022 година се сузбиени 15 криминални групи во кои членувале 79 лица, најголемиот број во областа на недозволената трговија со дрога - 12, составени од 51 член, а спречени се вкупно осум меѓународни транспорти, од кои шест на марихуана и по еден на кокаин и хероин.

„Борбата против трговијата со дрога и оружје, впрочем како и борбата против корупцијата остануваат меѓу врвните приоритети на МВР и во 2023. Ако 2021 ја завршивме со над 50 отсто зголемување на откривачката функција на полицијата на кривични дела поврзани со корупцијата и спречени коруптивни дејствија во вредност од околу 149 милиони денари, во 2022 откривме 124 коруптивни кривични дела, за кои кривично се пријавени 164 сторители, со кои била причинета материјална штета, поголема од 227 милиони денари. 

Сите заеднички продолжуваме да ја биеме таа битка, за подобро општество, за подобра држава“, подвлече министерот Спасовски, додавајќи дека покрај борбата со криминалот, во 2023 година МВР ќе продолжи и со реконструкција и изградба на објекти и полициските станици, проект со кој досега беше опфатена завидна бројка од 78 реконструирани енергетски ефикасни објекти, а на меѓународен план го истакна значењето на јубилејната 50. 

Европска регионална конференција, чие претседавање е доверено на Република Северна Македонија, токму кога нашата држава го одбележува јубилејот - 30- годишни од членувањето во оваа втора најголема светска организација по бројот на членство.
Деканот на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Свети Климент Охридски“, проф.д-р Никола Дујовски се осврна на резултатите од страна на полицијата од еден научен, академски аспект.

„Според бројните извештаи, Македонија е најбезбедна земја во Западен Балкан и продолжува да биде фактор на стабилност во регионот. Според општите премиси на безбедноста, бројките од борбата со општиот криминалитет, безбедноста во сообраќајот, безбедноста на границите и миграциите се константно подобрување што ја докажува посветеноста на раководството на МВР, Владата и нашите меѓународни партнери кои посветено учествуваат во подигање на капацитетите на министерството да продолжи да биде столб на државноста и гарант на безбедноста на секој наш граѓанин“, истакна проф. д-р Дујовски.

Претседателот на Евроатлантскиот Совет, Рамадани порача: „Едно е сигурно, државата со членството во НАТО ја зацврсти својата безбедност и сигурноста на граѓаните. 

Со членството во НАТО преминавме од индивидуална во колективна безбедност, безбедност за која сега се грижат сите 30 сојузници. Членките на НАТО градат партнерства со уште 40 земји ширум светот, а Алијансата е безбедносен чадор на 1 милијарда луѓе. Не можеме да кажеме дека една земја оди во погрешен правец, ако таа земја е безбедна, ако е членка на НАТО, ако веќе е на патот кон Европската Унија“.