Тренчевска: Само преку регионална соработка можеме да успееме во воспоставување на родовата еднаквост

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска заедно со Амбасадорката на Шведска во Република Северна Македонија, Ами Ларсон Јаин, Заменик амбасадорот на Швајцарија во Република Северна Македонија, Луциен Аегертер и Раководителката на канцеларијата на UN Women во Северна Македонија, Весна Ивановиќ Кастаред присуствуваа на регионалната конференција, Родово одговорни политики – Добри пракси и предизвици од регионот. Конференцијата е во организација на Министерството за труд и социјална политика заедно со UN Women Скопје со поддршката од Швајцарија и Шведска.

На почетокот министерката Тренчевска се заблагодари на сите присутни од регионот, партнерите и меѓународните организации и истакна дека само преку взаемна  соработка може да има напредок на полето на родова еднаквост преку размена на добри пракси и предизвици.

„Владиниот механизам кој што се наоѓа во Министерството за труд и социјална политика, Секторот за еднакви можности е еден од најзаслужните за унапредување на родовата еднаквост во државата како  и за координација на активностите на останатите  министерства и едниците на локална самоуправа во однос на спроведување на родово буџетски иницијативи.  Досега имаме пилотирано родово одговорно буџетирање во 13 ресорни министерства и 3 државни агенции со континуирано стручно менторство обезбедено од UN Women “ истакна Тренчевска во своето обраќање.

Во своето обраќање Амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Јаин ја истакна родовата еднаквост како човеково право.

„ Наша одговорност е секогаш да се потсетуваме дека родовата еднаквост е човеково право. Овозможувањето на средина за учество на сите жени и мажи, девојчиња и момчиња, не е привилегија која што треба да биде уживана, туку е основно човеково право, кон коешто сите треба да дадеме придонес и да го поддржиме. На овој начин можеме да стимулираме напредок во нашите земји, позитивни промени во општеството и во животот на луѓето. Родовата еднаквост е исто така прашање на демократија, прашање на правда и прашање на економско зајакнување“ рече Амбасадорката на Шведска.

Заменик Амбасадорот на Швајцарија пак се осврна на креирањето на политики и посочи дека Швајцарија останува партнер во поддршката за креирањето на родово одговорни политики. Во неговото излагање рече дека силно верувам дека ова е паметен и вистински пристап за постигнување подобри социо-економски резултати во општеството како целина.

Раководителка на канцеларијата на UN Women во Северна Македонија Весна Ивановиќ Кастаред во своето обраќање пак истакна дека само преку длабински промени може да има поголем и побрз напредок.

„Остварувањето на глобалните цели е можно само со земање предвид на потребите и на жените и на мажите и само со темелно справување со причините кои ја создаваат нееднаквоста во нашите општества. Ако сите  чинители кои се дел од процесот на планирање и усвојување политики започнат по автоматизам да размислуваат за родовата компонента, тоа ќе се рефлектира и пошироко во општеството, односно во колективната свест. А само со такви, длабински промени може да очекуваме помалку дискриминација и насилство, и поголем и побрз напредок“ рече Раководителката.

Регионалната конференција ќе се одржува два дена. На неа ќе се обратат релевантни чинители од регионот кои како приоритет ја земаат родовата еднаквост во нивната работа.