Ковачевски: Со Бошњаците како рамноправен народ заеднички ја развиваме државата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски вечерва присуствуваше и говореше на настан по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на Бошњаците. Во продолжение е целото обраќање на премиерот Ковачевски.

„Во една прилика, познатиот писател Меша Селимовиќ вели: „Не е човекот она што го мисли, туку она што го прави“.

Граѓаните Бошњаци, како рамноправен народ во Република Северна Македонија, се вткаени во нашата заедничка мултиетничка и мултикултурна држава и се дел од сите прогресивни процеси низ коишто правиме пат на нашето заедничко подобро денес, во нашето заедничко уште подобро утре.

Тоа ве прави достоиствени граѓани, кои си ја сакаат својата држава низ дела, како дел од прогресивните сили во нашето општество. И за овој придонес на граѓаните од бошњачката етничка заедница, во името на Владата на Република Северна Македонија и во мое име, изразувам искрена благодарност и почит.

Нека ви е среќен празникот, 28 септември - Меѓународиот ден на Бошњаците, како датум кога во 1993 година во Сараево е вратено националното име Бошњак.

Да продолжиме заедно да го градиме успешниот концепт „Едно општество за сите“, бидејки нашето заедништво е нашето традиционално богатство и нашата заедничка сила кон посакуваниот напредок како луѓе и како држава.

Од исклучително значење е тоа што граѓаните Бошњаци, со определеноста кон дијалог, меѓусебна толеранција и разбирање, без задршка се вклучени во изградбата на успешниот модел „Едно општество за сите“ во нашата држава, со којшто станавме препознатливи како Европа во мало на Балканот и мотивираме и придонесуваме во дијалогот, меѓусебното разбирање и почитување и во регионот и во Европа и пошироко.

Денес Бошњаците се интегрирани во сите институции и општествени процеси: културата, спортот, уметноста, развојот на бизнис климата. Дел се и од владината коалиција и Парламентот, преку доверени значајни извршни и пратенички позиции. И преку поставеноста кон политики што водат напред, имате значајна улога и во историските постигнувања: членството во НАТО и почетокот на преговорите со Европската Унија.

Нашата определба како Влада е да продолжиме да ги унапредуваме правата на сите граѓани во државата, вклучувајќи ги и на граѓаните од бошњачката етничка заедница.

Босанскиот јазик, којшто десет години беше дел од експериментална програма во образованието, од пред неколку години е дел од редовната настава во образованието во нашата држава.

Во сите институции во коишто се употребуваше бошњачки јазик, денес тоа е корегирано и се употребува босански јазик, какво што беше со години барањето на бошњачката етничка заедница. Ве охрабрувам да соопштите, ако некаде евентуално има поинаков ненамерен превид, тоа веднаш да се корегира.

Како Влада, којашто е цврсто определена кон создавање еднакви услови за живот за сите граѓани, да знаете дека сме насочени кон развој и на руралните средини каде што живеат Бошњаците.

Исто така, ги поддржуваме и ќе ги поддржуваме иницијативите во областа на културата, бидејќи негувањето и унапредувањето на различните култури во нашата држава и обединувањето на посебностите, е тоа шти ја прави уникатна културата во Република Северна Македонија, со којашто го привлекуваме вниманието на Европа и светот.

Добро е да имаме предвид дека Република Северна Македонија и Босна и Херцеговина се пријателски земји, без отворени прашања, насочени кон мир на Балканот и евроатланска иднина. Во Собранието е усвоена Резолуција со којашто се осудува геноцидот во Сребреница и ова е пример како добрите меѓуетнички односи дома, се рефлектираат на добри соседски и регионални односи и обратно. И треба и мора да останеме фокусирани кон сочувување на соживотот и меѓусебното разбирање, како наши демократски и граѓански придобивки.

Времињата на поделби, раздор и нетрпеливост се зад нас и не смееме да дозволиме да се повторат. Надминувањето на овие состојби го постигнавме макотрпно, со заеднички напори, здружени во определбите кон заедничка сегашност и заедничка иднина, какво што е и нашето минато – заедничко и обединети во демократските погледи, како дел од демократскиот свет. Тоа место е меѓу државите членки на НАТО и на Европската Унија. И ве повикувам: да продолжиме заедно по интеграцискиот пат – по европскиот пат, до конечната цел каде што припаѓаме, како европски граѓани, во Европската Унија.

Тоа носи стабилност, економски развој и напредок на нашата држава. А највисок чин на патриотизам е да се вложува во добрата иднина на државата, а не да се кочи нејзиниот напредок. Со исправни одлуки, заеднички, да продолжиме да градиме мостови дома, мостови со соседите, со светот и да ја осигураме добрата заедничка иднина во нашата заедничка Република Северна Македонија.

Придонесот на бошњачката етничка заедница е подеднакво важен.

Нека ви е честит и вечен утрешниот празник почитувани сограѓани Бошњаци и да го одбележуваме заедно, во мирна и напредна Северна Македонија!", рече Ковачевски.