Битиќи: Социјалните претпријатија треба да се пример за солидарност за сите

На платото пред Центарот на социјални претпријатија денеска се одржа „Ден на граѓански организации и социјални претпријатија“, во организација на проектот на ЕУ „Поддршка на социјалните претпријатија“, имплементиран од Ептиса, Барка и Екорис, каде корисник е Министерството за труд и социјална политика, во соработка со проектот Civica mobilitas.

Официјалното отворање на фестивалот го означија заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, амбасадорката на Швајцарската Конфедерација во Северна Македонија, Н.Е Вероник Улман и амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Н.Е Дејвид Гир.

Во своето обраќање пред присутните заменик премиерот за економски прашања Битиќи истакна дека заедно креираме солидарно едно општество за сите, општество кое интегрира, нуди можности, се грижи и поврзува.

„Во денешни услови, тешки за нас и нашите економии, ние сме тука, фокусирани на социјалните претпријатија, и симболично – близу споменикот на Мајка Тереза. Таа не се стремеше кон Нобелова награда за економија, туку почна да се грижи за луѓето кои ги затекна пред нејзиниот праг. Луѓе со помалку можности. И кога ќе ги видам многуте луѓе кои се активни низ здруженија, фондации и граѓански организации овде, тогаш тие го прават истото: се грижат за луѓе со помалку можности, без разлика со какви проблеми се соочуваат“, истакна Битиќи.

Додавајќи дека социјалното претприемништво, како посебна форма на претприемништвото чија цел е создавање на социјална еднаквост и заедништво, се фокусира на многубројните социјални, еколошки и општествени предизвици.

„Социјалното претпријатие го издвојува поединецот како двигателот на промените, но не е сам, никогаш не е сам. Доказ за тоа се сите овие луѓе на овие штандови денеска. Ви благодарам што сите работите за наше заедничко утре. Утре кое ни припаѓа на сите и кое заедно го ко-креираме. Владата на Република Северна Македонија прави напори да создаде што е можно поповолни услови за развој на општеството и за создавање на можности за иновација и промени. Социјалното претприемништво не е ништо помалку, од иднината на претприемништвото како форма, во кое се повеќе ќе сведочиме за бизниси кои освен тоа што генерираат профит, создаваат и позитивни промени во општеството. Воедно, носат социјално-демократски вредности, во секојдневното работење“, дополни Битиќи.

„Денеска од тука, праќам порака, ова да го земат за пример и останатите компании. За време на целата криза повикувам на солидарност. Да не ја забораваме никогаш, посебно не во оваа криза. Сите компании можат денеска да видат пример во овие компании. Генерирање на големи профити на грбот на нашите сограѓани не само што е не солидарно, туку ќе се преслика во лицето на нашите идни генерации кои во нас гледаат за пример“, заклучи вицепремиерот.

Во Северна Македонија во моментов се имплементира Проект за развој на социјалните претпријатија финансиран до Европската Унија кој се спроведува во тесна соработка со Министерството за труд и социјална политика чија цел е да ја обезбеди структура, законски решенија, промоција и можности за финансиска поддршка на социјалните претпријатија.

Во рамки на проектот, опремен е и воспоставен Центарот за поддршка и развој на социјални претпријатија, кој веќе е препознаен меѓу социјалните претпријатија како атрактивно место каде добиваат поддршка, се врежуваат и се промовираат.

Во завршна фаза е и креирање на закон за социјални претпријатија со кој ќе се уредат постапките и критериумите за основање на социјалните претпријатија, ќе се предвидат соодветни финансиски инструменти, и ќе се поттикне поволна средина за развој на социјалните претпријатија.

Фестивалот беше можност за претставување на социјалните претпријатија и воедно поттик за проширување на мрежата на овие модели во нашата држава.