Тупанчески: Новата зграда на Управен суд ќе обезбеди подобри услови за водење на судските постапки

Министерот за правда Никола Тупанчески присуствуваше на отворањето на новата зграда на Управен суд.

„Управниот суд на Република Северна Македонија е мостот меѓу граѓаните и државните органи во остварувањето на заштитата на нивните права. Со отворањето на новата судска зграда ќе се унапреди и зајакне инфраструктурниот сегмент и капацитет на судот во однос на функционалноста во процесот на обезбедување на заштитата на правата и обврските на странките во постапката, преку подобрување на просторните услови за водење на судењата, работа на судскиот персонал и овозможување на соодветни услови за целокупното работење на судот”, рече во своето обраќање Тупанчески.

Министерството за правда го поздравува почетокот на овој процес кој ќе воведе свежина во формално-правното и материјално-управно правораздавање. Унапредувањето на судскиот систем и неговото функционирање се клучна претпоставка за развојот на Република Македонија како демократска правна држава и мултикултурно општество и за нејзината евро-атланска интеграција.

Во таа смисла, со донесувањето на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор за периодот 2017 – 2022 година, беа поставени неколку главни цели кои претставуваат фазно надминување на лоцираните слабости во правосудството, неговото поставување на патот на европските и меѓународните стандарди и неговото  функционирање како главен столб на демократската правна држава.