Битиќи на промоција на Првата италијанско-македонска стопанска комора: Заедничката соработка и солидарност е единствена можност за совладување на економската и енергетска криза

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, кој ја предводи делегацијата во која е и министерот задолжен за дијаспора Џемаил Чупи, работната посета на Италијанската Република, по повод промоцијата на Првата италијанско-македонска стопанска комора АПИ НОРДЕС, ја искористи и за остварување на повеќе средби со претставници на одделни италијански региони и на бизнис заедницата во оваа држава.

Вицепремиерот Битиќи попладнево на прес-конференција информираше подетално за новата иницијатива за интензивирање на соработката меѓу Северна Македонија и Италијанската Република, заблагодарувајќи се на претседателот на Италијанско-македонската стопанска комора Мунир Шемши, италијански бизнисмен со потекло од нашата земја.

Тој му се заблагодари на организаторот, претседателот на АПИ НОРДЕС, Шемши, истакнувајќи дека иницијативата е продолжение на одличните односи и соработка меѓу Северна Македонија и Италијанската Република.

Вицепремиерот Битиќи истакна дека КОВИД периодот покажа дека солидарноста меѓу две држави е единствениот начин на кој можеме да се избориме со сите предизвици.

„Денеска сум овде, за заедно со претставниците на АПИ НОРДЕС да се претставиме пред италијанските компании и пред италијанските власти. Новиот предизвик, со којшто Европа се соочува, војната во Украина и економската, заедно со енергетската криза покажа дека само заеднички, интегрирани со заедничка соработка и солидарност можеме да ја пребродиме оваа криза“, рече Битиќи.

Тој додаде дека Северна Македонија е мала земја и аспирант за членство во Европската Унија, но можеме да бидеме чинител, којшто ќе биде дел во заедничкиот мозаик на ЕУ и токму затоа во рамки на работната економска посета на пријателска Италија два дена ги претставува можностите за соработка во областа на инвестициите.

Претседателот на стопанската комора АПИ НОРДЕС, Шемши нагласи дека оваа иницијатива ја остварува по 30 години дејствување и изрази задоволство што во рамки на економската посета на Владината делегација од Северна Македонија покрај многубројните средби, вчера (9 јуни) се одржа и бизнис Форум во Тревизо.

Бизнисменот Шемши, кој повеќе од 30 години живее и работи во Италија, на прес-конференцијата истакна дека проектот АПИ НОРДЕС ќе биде мост меѓу нашите две земји со чија помош ќе се унапреди економската и друга соработката меѓу двете земји.

Претходно, вицепремиерот Битиќи, со министерот Чупи, Мунир Шемши, претседател на италијанско-македонската стопанска комора и Стојан Витанов, генералниот конзул на нашата земја во Венеција се сретнаа со Ермелинда Дамиано, претседател на советот на метрополата Венеција.

На средбата на која беа претставени поволностите за инвестирање во Северна Македонија и на која вицепремиерот Битиќи истакна дека неговиот Кабинет е отворен за помош и соработка во врска со додатни информации за поволните услови за инвестирање, присуствуваше и Матиа Карлин, потпретседател на Унијата на почесни конзули во Италија.

Работната посета на Владината делегација на Северна Македонија, во која учествуваат и претставници на стопански комори од нашата зема продолжува со средби со претставници на стопански комори во Италија и учество на Бизнис форум во Венеција, чиј домаќин е АПИ НОРДЕСТ, Италијанско-македонската стопанска комора.