Од прес-конференцијата на портпаролите: Одлуката на опозицијата блокира 20-тина квалитетни закони од интерес на граѓаните во услови на економска криза

Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија, Душко Арсовски и Муамет Хоџа на денешната прес-конференција, информираа за донесените одлуки и заклучоци од 44-тата седница на Владата и одговараа на прашања од интерес на јавноста и медиумите.

На прес-конференцијата беше информирано за одлуката за престанок на важноста на одлуката за ограничување на извозот на масло од сончоглед донесена врз основа на актуелната стабилна состојба со овој производ.

Со тековното домашно производство на масло од сончоглед, како што беше посочено, има редовно снабдување на домашниот пазар и се задоволува потрошувачката. Постоечките количини укажуваат на стабилната состојба и нема потреба да се создаваат залихи на масло од сончоглед за јадење.

На прес-конференцијата портпаролите информираа дека на 44-тата седница беше донесена Одлуката за утврдување на бројот на наставните денови во учебната 2021/2022 година во средните училишта со која се утврдува дека бројот на наставните денови во тековната учебна година во средните училишта изнесува 146 наставни денови, односно дека нема продолжување на учебната година.

Од областа образование Министрите во Владата ја разгледаа и усвоија Информацијата за потребата од склучување на Договор за грант за проектот „Рехабилитација на објекти за физичко образование во основните и средните училишта и набавка на спортска опрема во Северна Македонија“, меѓу Република Северна Македонија претставувана од Министерството за образование и наука и Банката за развој при Советот на Европа - ЦЕБ. Грантот во висина од три милиони евра е наменет за реконструкција на 30 постоечки училишни спортски сали во основни и средни училишта и за опремување со спортска опрема на 50 постоечки училишни спортски сали во основни училишта.

На новинарското прашање дали прекинот на снабдувањето со гас од Украина ќе има импликации и врз нашата земја и дали имаме алтернатива за снабдување на гас беше посочено дека Република Северна Македонија не се снабдува со гас од гасоводот којшто поминува низ Украина и дека  количините кои се потребни се обезбедени од компаниите што вршат дистрибуција на гас во нашата земја и дека нема простор за грижа од недостиг на гас.

На прашањето околу ставот на црногорскиот премиер Абазовиќ дека го поддржува концептот Отворен Балкан, беше истакнато дека Отворен Балкан негува политики на отворени врати кон сите земји во регионот и дека ваквиот став на лидерите од регионот носи само придобивки и европеизација на земјите. Како што беше информирано, на самитот на Отворен Балкан што ќе се одржи во јуни во Република Северна Македонија ќе бидат поканети и лидерите на Црна Гора, БиХ и Косово.

На новинарскиот интерес кои се последиците од блокадата на Собранието од страна на опозиција беше потврден ставот на Владата дека политичарите треба да ги решаваат проблемите, а не да бојкотираат. Поради ваквиот став на опозицијата, како што беше соопштено, 20-тина квалитетни закони од интерес на граѓаните се блокирани во услови на економска криза.

На медиумскиот интерес дали предлогот на францускиот претседател Макрон за паралелна европска заедница ќе влијае врз македонско бугарскиот спор, портпаролите информираа дека овој предлог Владата го гледа како можност за обединување на земјите кои не успеале да влезат во блокот со оглед на новонастанатата геополитичка ситуација.

Како што истакнаа, тој е поттикнат од потребата да се даде еден вид заштита, европска перспектива и можности за поврзување и соработка на Украина, Молдавија и Грузија, со Унијата, без притоа да чекаат да се исполнат сите критериуми кои се потребни за земјите кандидатки за членство.

„Северна Македонија ја има поддршката од европските партнери, кои сметаат дека мора веднаш да ги започнеме преговорите, а Владата го продолжува дијалогот со соседна Бугарија за изнаоѓање достоинствено и европско решение, кое ќе го крене ветото и ќе го даде долгоочекуваниот датум за отпочнување на преговорите со Унијата“, информираа портпаролите.