Од прес-конференцијата на портпаролите: Владата е максимално посветена на изнаоѓање алтернативни пазари за земјоделските производи

Портпаролите на Владата, Душко Арсовски и Муамет Хоџа на денешната прес-конференција, информираа за донесените одлуки и заклучоци од 36-та редовна седница на Владата и одговараа на прашања од интерес на јавноста и медиумите.

Портпаролите информираа дека на вчерашната 36-та седница, на предлог на Министерството за одбрана, Владата на Република Северна Македонија ја усвои Информацијата и го донесе Годишниот план на Владата на Република Северна Македонија за склучување на договори за набавка на стоки, услуги и работи во областа на одбраната и безбедноста со влади на странски држави за 2022 година.

Во врска со Годишниот план на Владата на Република Северна Македонија за склучување на договори за набавка на стоки, услуги и работи во областа на одбраната и безбедноста, портпаролите информираа дека средствата за годишниот план се планирани во Буџетот за одбраната за 2022 година кој е јавно достапен, како и информацијата дека во Буџетот за одбраната за 2022 година над 30% од средствата се предвидени за модернизација на Армијата. За овие предвидени набавки за оваа година се предвидени 48 милиони евра.

На прашањето за преземените дипломатски активности за барање на нови алтернативни пазари за македонските производи во време кога се затвора рускиот пазар, портпаролите подвлекоа дека Министерствата за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за надворешни работи во овој период се максимално насочени кон обезбедување на пласман на земјоделските производи кои што досега се извезуваа во Русија и Украина.  

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е во комуникација со ресорните министри во Европа и во регионот, со сите стопански комори, со економските партнери на Министерството, со преработувачите на зеленчук и овошје со цел да се одржи стабилноста на извозот и да има непречен пласман на секој земјоделски производ. Се разгледуваат сите опции и во делот на извоз како свежи производи или за преработки за домашната индустрија.

Портпаролите информираа дека во рамките на министерската конференција во Берлин, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и министерот за земјоделство на Република Бугарија Иван Иванов, постигнале договор да се обезбеди пченица од Бугарија за Северна Македонија, а количините дополнително ќе се прецизираат откако ќе се увидат потребите на домашната мелничка индустрија.

Во однос на увозот на пченица од Република Србија, како што истакнаа портпаролите, ресорните министерства од двете држави се во постојана комуникација, и со оглед на тоа што во Република Србија имаше избори, се очекува деновиве српската влада да ја укине забраната за нашата земја за извоз на пченица, пченка, брашно и масло за јадење и да биде спроведена испораката на договорените количини пченица помеѓу економските партнери од двете земји за да се одржи стабилноста на пазарот до почетокот на жетвата.

Медиумски интерес на прес-конференцијата беше дали се оствари средбата помеѓу претставници на ЗЕЛС и Владата и портпаролите потврдија дека средбата се одржа и дека на неа се дискутираше за интензивирањето на постапката за формирање на работна група за продолжување на процесот на децентрализацијата, како и за моделот на финансирање на локалната самоуправа.

Тие информираа дека на состанокот се разговараше и за барањето кое се однесува на финансирање на образованието, детската и социјалната заштита и противпожарната заштита, како и за барањата во сферата на урбанистичко планирање, градење и градежно земјиште.

Во тој контекст, како што нагласија, дијалогот со ЗЕЛС е отворен во насока на изнаоѓање на решение за прашања од локално ниво.