Ковачевски на конференцијата БГМК2030: Со премиерот Петков имаме намера да отвориме најшироко поле за соработка

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска се обрати на отворањето на конференцијата БГМК 2030: Граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво, којашто во организација на Либералната Интернационала во соработка со Американскиот универзитет на Европа – ФОН, се одржа во Скопје.

На конференцијата учествуваат и заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за локална самоуправа Горан Милевски, а во придружната програма на конференцијата за делот на соработката меѓу образовните институции меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија е вклучен и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.  
 

На конференцијата учествуваат и пратеници од Собранието на Република Северна Македонија пратеникот во Европскиот Парламент Илхан Ќучук, амбасадорот на Република Бугарија во нашата земја Ангел Ангелов, ректорката на Американскиот универзитет на Европа – ФОН, Билјана Пулеска Јанушевска, проректорот на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Велико Трново, Република Бугарија, Милко Палангурски, како и повеќемина претставници на локалната самоуправа од Северна Македонија и Бугарија.

Во прилог на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Ковачевски на конференцијата БГМК 2030: Граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво, во целост:

„Најпрвин да се заблагодарам за организацијата на овој настан. Со премиерот Петков рековме дека ние ќе дадеме политичка иницијатива, но дека организациите кои се дел од секторите за кои ние разговаравме се тие што треба да ја водат дебатата и коишто треба да направат мостови помеѓу деловната заедница, образовните институции и студентите, и граѓаните воопшто. Ова само потврдува дека тоа е вистинскиот пристап и начин.

Ми претставува особено задоволство да се обратам на оваа конференција. Тоа задоволство се должи на концептот на конференцијата дефиниран во нејзиниот назив: БГМК 2030 - Граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво.

Идејата на конференцијата се совпаѓа со идејата за новото динамично придвижување на односите меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.

Мојата, и намерата на мојот пријател и колега, премиерот Петков, е да отвориме најшироко поле за соработка меѓу голем број засегнати страни од општествениот живот. Граѓанскиот придонес, придонесот на академијата и на соработката на високообразовните институции се еден важен елемент во тој процес.

Точно е дека испишувањето на новите страници на односите меѓу двете земји е поставена на највисоко ниво, на ниво на Влади. Но, јас и премиерот Петков ја презедовме иницијативата да се водат инклузивни разговори, од долу нагоре. Односно проектите за унапредување на соработката и на пријателството меѓу народите на двете земји да дојдат од тие кои се директно засегнати за нив и кои ќе бидат директно задолжени за нивно спроведување.

Затоа беа формирани работните групи, затоа се утврдени приоритетите, затоа се внесени деновите за реализација во календарите на активностите.

Драго ми е што во истата недела по одржувањето на меѓувладината седница, веќе имаме еден собир на којшто е присутна академската заедница, професори и студенти и размената на мислења и знаења за она што е современо во општеството и она што може да донесе нов импулс во односите помеѓу двете држави и нова вредност во однос на унапредување на квалитетот на перформансите на нашите студенти и нивната подготвеност за работа и соработка. Тоа потврдува дека е вистинската насока, дека две соседни земји треба да разговараат и тој разговор да доведе до градење на доверба која ќе донесе резултати на политичко поле за унапредување и на соработката и на политичките и општествени процеси.

Јас немам никакво сомневање дека тој процес ќе ја обнови атмосферата на доверба и пријателство и дека тоа ќе биде силен поттик да се отворат вратите за заедничко прифатливо решение за отворените политички прашања. Особено оние кои се однесуваат на деблокирањето на процесот за финализирање на постапката за нашето членство во ЕУ.

Нема никакво сомневање дека со заедничката седница на Владите на Република Северна Македонија и Република Бугарија на почетокот на оваа недела во Софија и со посетата на премиерот Петков и неговата делегација една недела претходно, двете земји направиja голем исчекор во унапредувањето на односите.

Таму каде што има политичка волја и идеја за прогрес, разликите лесно се надминуваат.

Заедно отворивме искрен и посветен дијалог за стабилност и развој за двете држави. Поттикнавме продлабочување на пријателството, добрососедството и соработката меѓу нашите две земји.

Двете Влади се определија да водат политики на градење мостови, а не ѕидови.

Со тоа двете држави покажуваат одговорност кон своите граѓани за постигнување достоинствени решенија за двата народи за подобрување на животот на граѓаните.

Постигнавме согласност заедно да ја спречуваме недобронамерната пропаганда доколку се појави внатре во државите, заедно да бидеме против говорот на омраза и заедно да го поразиме национализмот.

Реформски определените Влади во Скопје и Софија се посветени на отворањето на нови перспективи за развој и напредок на односите меѓу двете земји.

Веќе се организира и нова ваква средба во Скопје во организација на ресорните министерства на Северна Македонија и на Бугарија за економија и финансии и на која ќе учествуваат деловните заедници и стопанските комори од двете држави.

Граѓаните, заедниците и политичарите кои меѓусебно се разбираат и кои низ дијалог ги разрешуваат разликите, отвораат простор таа искреност и доверба да ги посветат на заедничките цели.

Уверен сум дека тие пораки ќе бидат испратени и од оваа ваша конференција. Уверен сум дека академските заедници и граѓанските организации се силни канали за комуникација на тие пораки.

Исто така верувам дека тоа може да биде секој човек, секој граѓанин кој верува во европската идеја и во заедничката европска иднина на Република Северна Македонија и на Република Бугарија.

Уште еднаш ви благодарам за можноста да ви се обратам и ви посакувам успешна конференција и сакам да им се заблагодарам на организаторите кои и во време на пандемија успеаја да не зближат и ја организираат истата. Благодарност и до домаќините коишто го отстапија овој простор, како и до почитуваните професори, на амбасадорот на Република Бугарија, на ректорите и секако на студентите коишто можат многу да научат од овој нов процес којшто е отворен и тие да бидат промотори и амбасадори на градењето на добри односи за иднината помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија затоа што се две држави кои заслужуваат и сакаат да одат напред и да претставуваат пример за добрососедски односи во Брисел.

Ви благодарам и ви посакувам успешна конференција“.