Тренчевска и Мурати со отчет за Оперативниот план 2021 : Најатрактивни самовработувањето и обуките за дигитални вештини, реализација од 94,6% и опфатени 11.292 невработени лица

Министерката  за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска заедно со директорот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, Беким Мурати денеска одржаа прес-конференција на која ја презентираа реализацијата на Оперативниот план за активни мерки и програми за вработување за 2021 година.

„Иако реализацијата на Оперативниот план за 2021 година претставуваше голем предизвик со оглед на тоа дека светската пандемија предизвикана од КОВИД-19, ја одбележа и целата 2021 година, сепак имаме високи 94,6 % реализирани мерки, со кои опфативме 11.292 невработени лица“, рече министерката Тренчевска.
 
Таа посочи дека ваквата одлична реализација се должи на  посветеноста на сите институции кои учествуваа во имплементацијата на планираните активности во рамките на секоја програма и мерка, а особено Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија. Притоа, беа  реализирани 1. 5 милијарди  денари, од кои 593 милиони денари за поддршка за креирање на нови работни места.

„Стопроцентна (100%) реализација бележиме на мерката за самовработување, која ја искористија 1.877 лица, додека пак, 2.194 лица се вклучени во реализација на мерката „Поддршка за креирање на нови работни места“, која  претежно се однесуваат на потешко вработливите лица. Тоа се над 4.000 илјади лица, вработени преку овие две мерки. Младите се нашата иднина и секој поттик и вложување во нив е влог во нашата иднина, во иднината на нашата држава. Затоа, продолжи користењето на младински додаток за лица до 23 години, со цел да се мотивираат младите да се вклучат во производствените дејности и земјоделството. Со оваа мерка се опфатија 3.787 млади лица, што значеше надминување на очекуваните резултати и се постигна реализација од 151,5 %. Ова не охрабрува и понатаму да издвојуваме средства и да подготвуваме програми кои ќе ги мотивираат младите да се вработуваат“, рече Тренчевска.

Таа го истакна и високиот процент од 91% на мерката „Практиканство“, која исклучиво се однесува на млади невработени лица.
 
Директорот на Агенцијата за вработување Беким Мурати, посочи дека позитивен поттик за невработените лица да се вклучат на пазарот на трудот претставуваат програмите и мерките кои имаат за цел стекнување и дополнување на знаењата и вештини на невработените лица заради зголемување на нивната вработливост и конкурентност. Како и дека истите се одвиваа согласно протоколите за заштита од вирусот КОВИД-19.

„Најголема искористеност оваа година се забележа кај Обуките за развој на дигитални вештини во кои беа вклучени 400 невработени лица и мерката имаше 100% реализација. На тој начин невработените лица станаа поконкурентни и добија вештини кои во моментов се најбарани на пазарот на трудот. Максимална искористеност имаше и Обуката за возачи за Ц и Д категорија во која беа вклучени 50 лица“, рече Мурати.

Министерката Тренчевска посочи дека Северна Македонија е првата земја која не е членка на Европската Унија, а успешно го имплементира проектот Гаранција за млади веќе четири години по ред, проект во чиј фокус се млади, невработени лица до 29 години. Како и дека, резултатите од спроведувањето на Гаранција за млади во период од 01.01.2021 до 31.12.2021 година се 19.298 вклучени млади невработени лица од кои 14.428 (74,8%) се жени.
 
„Еден од приоритетите на Владата на Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика е и поддршката за вработување на лица со попреченост“, рече министерката Тренчевска, која информираше дека 157 лица со попреченост веќе имаат потпишано договори за вработување, преку активните мерки и програми на Оперативниот план.

„Користејќи ги искуствата од реализацијата на Оперативниот план во 2021 година во однос на мерките кои беа најатрактивни и за кои се покажа најголем интерес го креиравме Оперативниот план за 2022 година во износ од 28 милиони евра, (1.73 милијарди денари)“, истакна Тренчевска.

Таа порача дека Владата и Министерството за труд и социјална политика  продолжуваат со креирање на политики и мерки со еднаков пристап за сите граѓани, со цел зголемување на вработливоста, отворање на нови работни места согласно потребите на пазарот на труд, како што се и најновите трендови за поддршка за креирање на работни места за зелени инвестиции, а сето тоа би придонело и до побрз економски развој на државата.

Во прилог презентацијата со Оперативниот план за 2021 година.

Realizacija na operativniot plan - MTSP by Влада на Република Северна Македонија on Scribd