Премиерот Ковачевски се сретна со претседателот на ГЕРБ Бојко Борисов: Да се развива довербата и да продолжи поддршката од Бугарија за членство на Северна Македонија во ЕУ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, покрај програмата за неговата официјална посета на Република Бугарија одржа уште неколку активности, меѓу кои и средбата со Бојко Борисов и раководството на партијата ГЕРБ.

На средбата, на која присуствуваа и Артан Груби, прв заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Славица Грковска, заменик-претседателка на Владата задолжена за политики за добро владеење, Бујар Османи, министер за надворешни работи, и Бисера Костадиновска-Стојчевска, министерка за култура, премиерот Ковачевски истакна дека Северна Македонија и Бугарија започнуваат еден нов процес на соработка со цел да се обезбеди интензивирање и продлабочување на секторската соработка.

Ковачевски на средбата нагласи дека Владата на Северна Македонија е подготвена за видливи и мерливи резултати од реалниот интерес на граѓаните кои се фокусираат на враќање на довербата меѓу двата народи за да се реафирмираат пријателските односи и да се поттикне политичкиот дијалог за решавање на чувствителните прашања што се отворија меѓу двете земји.

За таа цел на денешната заедничка седница, рече премиерот Ковачевски на средбата со Борисов, се формирани работните групи за повеќе одделни области кои утврдија акциски планови за најважните приоритети, како на пример Коридорот 8.

Претседателот на Владата Ковачевски на средбата со претседателот на ГЕРБ, Бојко Борисов истакна дека очекува оваа партија, иако сега во опозиција, да продолжи со политиките за поддршка на Северна Македонија во нејзините аспирации за членство во ЕУ.

Претседателот на ГЕРБ, Борисов од своја страна потенцираше дека треба да се искористи покренатиот процес за надминување на разликите за да се врати довербата како придонес кон европските интеграции на Северна Македонија.