Славјанка Петровска ја презема функцијата министерка за одбрана од Радмила Шекеринска, одбраната ќе продолжи да се развива со брзо темпо

Со церемонија во Министерството за одбрана, Славјанка Петровска ја презеде функцијата министерка за одбрана од досегашната министерка Радмила Шекеринска. 

Петровска во својот прв говор како министерка за одбрана порача дека ја презема оваа функција во многу поинакви општествено-политички околности отколку оние што беа во 2017 година и дека денес, нашата татковина е земја членка на НАТО за што требаше многу труд, посветеност и политичка пожртвуваност за сето ова  да стане реалност. Министерката и се заблагодари на досегашната министерка Шекеринска за нејзиниот влог и придонес кон исполнувањето на оваа стратешка определба. 

„Членството во НАТО не е само признание само на политичките процеси кои се случуваа, туку и на подготвеноста на нашата Армија да ги прифати НАТО стандардите и принципите на дејствување и постапување на Алијансата. Генерал потполковник Ѓурчиновски, Вам и на припадниците на Армијата Ви честитам за досегашната посветеност на овој исклучително значаен процес, од кој несомнено сте битен дел. Заедно ќе продолжуваме понатаму по тој пат“, рече министерката. 

Петровска порача дека ќе биде силен двигател на развојот во одбраната и на процесите кои се веќе започнати, а кои ќе се реализираат со уште поинтензивна динамика.

„Еден од најважните приоритети во текот на мојот мандат ќе биде одржувањето на стабилното финансирање на одбраната и достигнување на 2 % од БДП за одбранбениот буџет до 2024 година. Ќе продолжат да се имплементираат проектите за опремување и модернизација на Армијата,  ќе продолжам да водам сметка за подобрување на условите за работа и животниот стандард на воениот и цивилниот персонал во Армијата. Ќе продолжи и подобрувањето и обновата на инфраструктурата на воените објекти, како и реновирањето на објекти со имплементација на обновливи извори на енергија и секако, ќе продолжи инвестирањето во  развојот на Армискиот полигон „Криволак“ кој е вреден  домашен и НАТО ресурс“, рече Петровска.

Министерката порача дека ќе се одржи и високото ниво на транспарентност и интегритет во работењето, ќе се одржи сметка за правичната застапеност и имплементацијата на правилни родови политики во одбраната и Армијата. 

За соработката со сојузниците со кои и споделуваме исти вредности, министерката Петровска порача дека ќе ја развиваме интероперабилноста и ќе продолжиме со учеството во меѓународните мировни операции и мисии.

Досегашната министерка за одбрана Шекеринска истакна дека изминатите 4 ипол години одбраната беше дел од нешто што е поголемо од нас самите и дека беше испишана историја која е вредна за паметење.

„Се сеќавам пред 4 ипол години кога реков дека ќе го смениме „статус-квото“ во одбраната. Денес одбраната не препознава „статус – кво“. Денес нема проблем кој е нерешлив. Денес системот функционира. Успеавме да ја вратиме Република Северна Македонија во процесот на НАТО интеграција – членка сме на НАТО, еднаква и рамноправна со останатите, воено интегрирана во рекордно брзо време во седум децениската историја на Алијансата. Во 2017 реков дека припадниците на Армијата кои ја чуваат оваа земја ќе го добијат достоинството и почитта која што им припаѓа со повисок стандард и подобри услови за работа, со јасно покажана грижа од државата. Денеска тоа е реалност. Се обврзав на континуирано зголемување на буџетот на одбраната, но и максимална транспарентност пред јавноста која мора да има увид како и каде се трошат парите. И едното и другото ги обезбедибме со 100% успех. Покажавме дека имаме капацитет да рушиме бариери и да постигнуваме големи нешта. Денеска сето она што пред четири и пол години се чинеше невозможно полека стана реалност“, рече Шекеринска.

Досегашната министерка им се заблагодари на вработените во одбраната и на припадниците на Армијата зашто, како што рече, нивната искреност, чесност и професионалност беше инспирација и мотив за уште поинтензивна работа.

„Лидерството за мене никогаш не било прашање на функција на привилегија на статус или на позиција, туку исклучиво акција, одлуки, преземање одговорност и личен пример. Ви благодарам што ме поддржавте во тоа. Во вас гледам многу вистински професионалци кои се достојни за уште подобри услови за работа. Ја направивме нашата институција прва по многу нешта – први во транспарентноста, во самиот европски врв според интегритетот во работењето. И, тоа е најважно, да работиме со интегритет, со силен мотив и без задршка“ истакна таа.

Шекеринска порача дека единствениот совет кој не го почитувала бил советот да ги менаџира очекувањата во одбраната и кај граѓаните, зашто ако сакаме посилна нација мораме да ги надминуваме и сопствените очекувања.

„Не ги менаџиравме очекувањата, туку ги подигнувавме, а потоа заедно ги надминувавме. Убедена сум дека во тоа ќе продолжите. Убедена сум дека резултатите ќе продолжат да следат и тоа ќе биде и моја лична сатисфакција дека системот кој што го поставувавме продолжил да расте. Отсекогаш знаев и дека ни е многу важна слободата  дека заедно се изборивме за неа во неколку наврати. Она што го научив во последните неколку години е дека слободата оди само во тандем – живее, се брани и се развива заедно со одговорноста.  Слободата навистина бара одговорност, одговорност да направиме разлика, да придонесеме, да подобриме и да постигнеме повеќе. Продолжете така да ја браните и татковината и слободата, со посветена работа и со видливи резултати“, заклучи Шекеринска во своето последно обраќање како министерка за одбрана.