Вицепремиерот Битиќи од Самитот на шефови на влади на Централно Европската иницијатива: Солидарноста и соработката се клучни елементи за создавање на атрактивен регион кој ќе привлекува нови инвестиции

„Вчера и денеска, во Будва, во организација на Владата на Црна Гора, се одржуваат Самитот на шефови на Влади на Централно Европската иницијатива и Конференцијата за економија во рамките на Самитот, на кои заедно со лидерите на Владите на земјите членки на Централно Европската иницијатива, како и со претставниците на бизнис заедницата од 17-те земји членки на иницијативата имавме плодни дискусии, разговаравме за политичките односи, создавање на услови за побрз и одржлив економски развој, како и за еден од најголемите предизвици, а тоа е справувањето со последиците од коронавирусот Ковид 19, зајакнувањето на здравствените системи и креирање на благосостојбата на граѓаните од регионот на Западен Балкан.

Кога зборуваме за здравството, во рамките на Самитот беше промовирана и поддржана декларацијата на земјите на Западниот Балкан, со која сите ние, како политички претставници на нашите граѓани, ги потврдивме своите интенции за залагање за подобрување на здравствените системи како најпогодени од кризата со Ковид-19 и тоа преку соработка, иновација и усовршување на истите.

Би сакал да потсетам дека Република Северна Македонија е членка на Централната Европската Иницијатива од 1993 година и сметам дека преку овој форум има многу можности за унапредување на соработката, особено поради тоа што дел од земјите се членки на Европската Унија и преку овој значаен форум можеме да разменуваме искуства и знаења, за создавање на подобро општество за граѓаните, за развиена економија, за унапредување на демократија, а сите тие активности, ќе придонесат и до полесно и побрзо пристапување до ЕУ.

Би сакал да нагласам дека и денеска, и за време на пленарната сесија на Шефовите на Влади на ЦЕИ и на економскиот панел, од повеќе говорници се потенцираше она коешто јас честопати го зборувам во моите излагања, кога зборувам за регионот на Западен Балкан, а тоа е дека солидарноста и соработката се клучни елементи за создавање на атрактивен регион кој ќе привлекува нови инвестиции.

Пандемијата за сите нас донесе големи предизвици, но треба да ја видиме и другата страна, а тоа е создавањето на нови можности. Јас верувам дека на сите земји од Западен Балкан ни се отвора навистина сериозна можност да ја подобриме и поединечната конкурентност и конкурентноста на регионот, ако го фатиме моментумот и процесот на реструктуирање на синџирите на вредности, се повеќе меѓународни компании да инвестираат во нашата земја, а домашните се повеќе да се вклучуваат во интернационалните синџири на набавки.

Ви благодарам!“