Обраќање на министерот за надворешни работи, Бујар Османи по повод трагичната автобуска несреќа во Бугарија

Почитувани граѓани, 

Секако најпрво да се придружам на пораките за сочувство кон семејствата на загинатите; не знам дали трагедиите можат да се мерат според големина, но денес е навистина тажен ден, и верувам сите ние денес живееме еден од најтажните денови во поновата историја на земјава. 

Јас ја искористив утринската посета на Софија и со колегата Министерот Стоев ги утврдивме директните линии на соработка на повеќе нивоа во врска со денешната несреќа. Соодветно на договорените насоки, уште веднаш од Софија дадов налог да се активира работната група за кризи – Таск форс кој претходно беше ангажиран околу кризата со извлекувањето на нашите граѓани од Авганистан. Во оваа работна група покрај претставници од мојот Кабинет, влегуваат и искусни дипломати и конзуларци од различни директорати, со што се покриени сите потреби за координација на институциите и дипломатска активност на Министерството. 

За само неколку часа, како резултат на остварената соработка со Министерството за надворешни работи на Бугарија, успеавме да договориме измена на КОВИД - протоколите за влез во Бугарија, со која им се овозможува влез на сите блиски роднини на настраданите лица во тешката сообраќајна несреќа да патуваат за Софија, без да приложуваат било каков документ во врска со КОВИД-19.

Дадов насока да се изготви посебен протокол за употреба на СОС телефонот во МНР, со цел да им се излезе во пресрет на големиот број барања на граѓаните за информации во врска со нивните најблиски. Како што сум информиран, во овој момент комуницирани се практично сите роднини на настраданите што утринава беше најголем приоритет за министерството

Веднаш дадов насока да се испратат и двајца искусни дипломати како дополнително засилување во амбасадата во Софија, со што ќе се олесни координацијата на активностите меѓу институциите овде во Скопје и во Софија, а истите ќе преставуваат и фокусирана точка за координација на активностите на семејствата на настраданите и повредените во претстојниот период. Тие се веќе таму и уште од вечерва почнуваат со своите активности. 

Утре продолжуваме со координативните активности според договорената динамика со нашите колеги од Софија. Правосудните институциите се веќе во директен контакт во врска со завршување на процесот на идентификација преку ДНК анализата. Како министерства за надворешни работи отворивме линии брза за размена на информации, со цел да можат да се координираат и активностите на роднините на настраданите за процесот на идентификација. 

По завршување на процесот на идентификација ќе следи и организиран постапка за пренос на телата на починатите, активност која ќе ја координираме заедно со Министерството за надворешни работи на Бугарија, кои, пак, преземаа обврска за координација на останатите институции кај нив во Софија. 

Почитувани граѓани, 

Што и да направиме денес, не можеме да ја надоместиме ниту загубата, ниту да ја покриеме тагата. Четириесет и пет наши сограѓани, деца, жени, сопруги и сопрузи; цели фамилии браќа и сестри од денес веќе не се со нас. Она што ние како Министерство за надворешни работи ќе го направиме, е да им обезбедиме на семејствата достоинство во овие за нив најтешки мигови, со цел прво да ги добијат вистинските и прецизни информации, идентификација, и достоинствено префрлување на останките овде во Скопје. 

Нека им е лесна земја на починатите. 

Ви благодарам.