Обраќање на министерот Бочварски на денешната заедничка прес-конференција по повод трагичната автобуска несреќа

Во прилог го пренесуваме интегралното обраќање на министерот Бочварски на денешната заедничка прес-конференција по повод трагичната автобуска несреќа.


Почитувани граѓани,  

Најпрво би сакал да изразам длабоко жалење за жртвите во автобуската несреќа, наши сограѓани, кои настрадаа во сообраќајната несреќа која ја потресе целата јавност.   

Министерството за транспорт и врски во соработка со другите државни институции и бугарските власти максимално работи на утврдување на сите причини за настанатата несреќа. Од аспект на надлежностите на Министерството за транспорт и врски, би сакал да потенцирам неколку клучни работи:   

Превозникот до Министерството за транспорт и врски доставил барање на 18.07.2018 година заведено под број 08-4127/1 за добивање на лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници. Кон барањето е доставена целокупната документација согласно член 8 од Законот за превоз во патниот сообраќај, со што ги исполнил условите предвидени во Законот и му е издадена лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници.  

Кон барањето, превозникот доставил уредна документација со важечки потврди за исполнување на техничко-експлоатационите услови со еуро стандард на возилата Еуро 3 стандард и Еуро 4 стандард. 

Исто така, доставил и список од ПИОМ на вработени возачи во редовен работен однос.   

Со барањето за добивање на лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници, превозникот ги исполнил условите за добивање на лиценца и издадена му е лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници со сериски број 007017 со важност од 08.08.2018 година до 08.08.2022 година.

Според комплетната документација содржана во системот на Министерството за транспорт и врски, превозникот до овој момент има уредна лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници. Би сакал да појаснам две работи. 

Во рамките на своите надлежности, Министерството издава лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници како и извод од лиценца за секое возило поединечно. Возачот кој врши меѓународен превоз на патници е должен да поседува меѓународен сертификат за професионална компетентност на возач за учество во меѓународен превоз на патници и стоки.   

Во системот на Министерството за транспорт и врски конкретниот превозник е заведен со 4 возила кои поседуваат лиценца за превоз.   

Според член 11 став 1 од Законот за превоз во патниот сообраќај, првозникот може да започне да врши превоз на патници во внатрешени и меѓународен патен сообраќај, откако ќе добие лиценца и извод од лиценца за моторно возило.  

По добиените информации од Министерството за внатрешни работи за опожареното возило, констатиравме дека истото не било пријавено од страна на превозникот согласно член 11 став 5 од Законот за превоз во патен сообраќај и поради тоа возилото го нема во електронската база на податоци на Министерството за транспорт и врски.  

Согласно овој член од Законот,  превозникот е должен веднаш, а најдоцна во рок од 15 дена, да го извести Министерството за транспорт и врски за сите промени настанати во поглед на исполнувањето на условите (ова значи пријавување и одјавување на возило или пријавување и одјавување на возач).

Би сакал да потенцирам дека контролата и надзорот над превозот на патници и стоки во домашниот и меѓународниот патен сообраќај е надлежност на Државниот инспекторат за транспорт. 

При констатиран недостаток во работењето и по предлог на Државен инспекторат за транспорт, Министерството за транспорт и врски може да ја одземе лиценцата за работа на превозникот.   

Бидејќи од досега добиените сознанија дека превозникот вршел меѓународен превоз без извод од лиценца за конкретното возило, врз основа на член 12 став 2 алинеја 1 од Законот за превоз во патен сообраќај, Министерството за транспорт и врски како надлежен орган, отпочна постапка за одземање на лиценцата за работа на превозникот.   

Исто така, сакам да информирам дека на денешната едница на Владата, Владата го задолжи Државниот инспекторат за транспорт за изврши вонреден иснпескици надзор.   

Уште еднаш би сакал да изразам длабоко сочуство до семејствата на загинатите во оваа голема несреќа и да уверам дека Министерството со своите служби останува отворено за понатамошна соработка со сите институции, со цел расчистување на оваа страшна несреќа која не погоди сите нас.