Шахпаска: До ноември реализирани 85% проценти од Оперативниот план на активни програми и мерки за вработување, обезбедени се дополнителни 284 милиони денари за најатрактивните мерки

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска имаше работна средба со директорот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија Абдуш Демири на кој беше презентиран извештај за реализацијата на Оперативниот план на активни програми и мерки за вработување за оваа година. 

На состанокот покрај тимовите на МТСП и АВРСМ, присуствуваа и претставници од УНДП кои работат на имплементација на дел од мерките.

Поголемиот дел од активните програми и мерки за вработување и оваа година  се атрактивни за граѓаните и интересот за нив е голем. Оттука, беше констатирано дека, до денес околу 85 проценти од Оперативниот план веќе е реализиран, а во наредниот период дополнително ќе се интензивира неговата имплементација. 

„Мерките кои произлегуваат од Оперативниот план ја поттикнуваат економијата да отвора нови работни места. Како Влада и Министерство, токму тоа беше наша цел. Со спроведување на мерките и програмите од Оперативниот план се зголемува вработливоста на невработените лица и се овозможува полесен влез на пазарот на труд“, рече министерката Шахпаска.

Таа најави дека веќе е подготвен ревидиран Оперативен план со кој за најатрактивните мерки, како што се поддршка за самовработување, субвнционирање на плати, како и за новата пилот мерка за субвенционирање на плати во текстилниот сектор, за што се обезбедени дополнителни 284 милиони денари. Голем интерес има и за обуката за развој на дигитални вештини, како и за возачи за Ц и Д категорија.

На состанокот беше заклучено дека Агенцијата за вработување треба да изготви анализа која ќе покаже кои  мерки од Оперативниот план треба да продолжат и во наредната година.