Бектеши: Со поддршка на УСАИД, Северна Македонија е прва во регионот според реформи во енергетскиот сектор

Министерот за економија Крешник Бектеши се обрати на завршниот настан на Проектот на УСАИД за развој на регионални пазари на енергија кој денеска се одржа во Скопје.

Во своето обраќање министерот Бектеши се заблагодари на поддршкаѕа на УСАИД која ја даде на Министерството за економија за развој на енергетскиот сектор во државата.

„Со реализацијата на овој Проект успеавме за неполни 6 месеци да го донесеме новиот Закон за енергетика во целост усогласен со Третиот енергетски пакет на ЕУ и Директивата за промоција на обновливите извори на енергија.  Министерството за економија и тимот на Проектот посветено работеше и даде огромен придонес во текот на консултациите со јавноста и сите релевантни засегнати страни, како и во текот на консултациите кои беа правени со Секретаријатот на Енергетската заедница, се со цел да добиеме квалитетен и сеопфатен Закон“ кажа министерот во своето обраќање.

Министерот нагласи дека со поддршката на Проектот на УСАИД на реформите во енергетскиот сектор и унапредување на состојбите во истиот, се создадоа услови да бидат повлечени споровите кои Енергетската заедница ги иницираше против Република Северна Македонија поради неусогласеност со Директивата за заедничките правила на внатрешен пазар за електрична енергија односно непостоењето на целосна либерализација на пазарот на електрична енергија како и поради неусогласеност со Третиот енергетски пакет на ЕУ . 

„Беа беа изработени речиси сите  подзаконски акти кои произлегуваат од новиот Закон за енергетика заради негово полесно имплементирање, кои се во надлежноста на Владата на Република Северна Македонија и Министерството за економија на Република Северна Македонија.  Покрај воведувањето на целосната либерализација на пазарот на електрична енергија, назначувањето на Универзалниот снабдувач и други новитети, еден од најголемите успеси за кој Северна  Македонија беше посочувана како пример меѓу земјите од Енергетската Заедница беше токму резултатот на заедничката соработка со  Проектот, со чија поддршка успеавме да воведеме и имплементираме нов пазарен механизам за зголемување на учеството на обновливата енергија во вкупното производство на електрична енергија во земјата“ кажа Бектеши.

Министерот потсети дека воведувањето на премиите, наместо повластените фид ин тарифи, како мерка за поддршка ни овозможи значително да ги поттикнеме инвестициите во обновливи извори на енергија како еден од начините на имплементација на долго заговораната енергетска транзиција, за што бевме наречени пионери во енергетската транзиција од сите домашни и меѓународни релевантни фактори. 

„Проектот исто така даде огромен придонес во изработката на Законот за енергетска ефикасност со чија примена поттикнуваме заштеди во потрошувачката на енергија, која во ова време е од особена важност и може да даде голем придонес во намалувањето на потребата за енергија, особено имајќи ја во предвид енергетската криза во моментов во глобални рамки. Во партнерство со Проектот успеавме да реализираме уште многу заеднички активности меѓу кои изработката и реализацијата на тендерот за избор на трговецот или снабдувачот со електрична енергија кој врши откуп на електрична енергија произведена од обновливи извори на енергија со премии како „купувач во краен случај, изработката на Програмите за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од повластени производители кои користат премија, избработка на Водич за инвеститори во обновливи извори на енергија, изработка на Водич за изработка и спроведување на тендери во областа на ОИЕ, но и многу други“ кажа министерот. 

Бектеши истакна дека после успешно спроведени два тендери во последните речиси две години, во тек е реализацијата на третата тендерска постапка со аукција за доделување на премии за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали изградени на приватно земјиште со вкупна инсталирана моќност од 80 MW, во чија подготовка активно беше вклучен тимот на Проектот. 

„Последната информација која јас ја поседувам во моментов е дека на јавното отворање на понудите од пред една седмица се пристигнати над 90 понуди за овој тендер,  што е голема бројка на потенцијални инвеститори и показател на голема заинтересираност од инвеститорската заедница во овој процес. Очекувањата се дека како финален производ од овие процеси ќе се реализираат инвестиции од околу 100 милиони евра, како од домашни, така и странски инвеститори“ кажа Бектеши и дополни дека очекува поддршката на УСАИД да продолжи во ист правец, па и дури со поголема динамика, и заеднички да ги совладаме предизвиците кои не очекуваат во наредниот период.