Вицепремиерот Битиќи на форумот „Стратешки економски разговори“ во Хрватска – Новата развојна економија на Северна Македонија ќе биде целосно подготвена и конкурентна за влез на земјата во ЕУ

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, во рамките на форумот „Стратешки економски разговори“, кој се одржува во местото Савудрија, во Република Хрватска, покрај на утринскиот панел во кој зборуваше за стратегиите, политиките и проектите на Владата во енергетскиот сектор, во попладневните часови учествуваше на интерактивната сесија  „Економските стратегии на Република Северна Македонија во пост-пандемскиот период и напредокот на преговарачкиот процес за членството во ЕУ“, на која дебатираше со Кармен Јеитлер Синчели, член на Националниот совет (долен дом), на парламентот на Република Австрија и заменик генерален секретар на Австриската бизнис асоцијација.

Вицепремиерот во своето излагање посочи дека Владата на Република Северна Македонија во изминатиот период посветено работеше на креирање на интервентни мерки за поддршка на стопанството и граѓаните за справување со кризата предизвикана од коронавирусот.

„Кризата предизвикана од пандемијата со коронавирусот секако дека имаше ефект врз нашата економија, како што имаше и на другите економии во светот, но Владата презеде чекори кои ефикасно го ублажија ударот и веќе сега ги гледаме позитивните резултати од правовремените економски мерки. Со реализација на шест пакети економска помош, вбризгавме во стопанството 1,2 милијарди евра со што ја задржавме ликвидноста на компаниите и помогнавме да се спасат 80.000 работни места за нашите граѓани. За жал, околу 20.000 наши граѓани ги изгубија своите работни места, но имаме план истите да се вратат назад на пазарот на труд во многу кус временски период. Економските пакети за помош имаа позитивен ефект и врз движењето на БДП, па така, минатата година ја завршивме со пад на БДП од 4,5%, кој можеше да биде многу подрастчен и да изнесува над 8,7%, доколку не ги спроведовме антикризните економски пакети на мерки“, посочи Битиќи.

Паралелно со реализација на мерките за поддршка на граѓаните и стопанството, во услови на криза, Владата создаваше мерки кои што ќе стимулираат засилен развој на компаниите, со цел што поконкурентни да влезат во пост-пандемскиот период, нагласи вицепремиерот. 

„Пандемијата забрза процеси кои веќе одамна се нужни да се случат во нашата економија. Еден од тие процеси е дигитализацијата, која зема голем замав. Покрај дигитализација, она што мислам дека на сите ни е јасно е дека мораме да работиме кон near shoring и креирање на додадена вредност во нашето производство. Креирање на регионален пазар кој е конкурентен е нешто што треба да се случи уште утре, кога е веќе јасно дека набавката која се извршуваше, на пример од Кина, стана неодржлив концепт, и сите мораме да работиме кон креирање на решение за овој проблем. Колку побрзо го фатиме чекорот, толку побрзо сите ќе одиме напред. Регионалната конкурентност на земјите од Западен Балкан е за доброто на сите, на сите граѓани, а секако и за бизнисот“, подвлече вицепремиерот.

Битиќи дополни дека постојано се работи на унапредување на бизнис климата и креирање на мерки со кои дополнително ќе се стимулира раст и развој на економијата и додаде дека новата развојна економија на Северна Македонија, ќе биде целосно подготвена и конкурентна за влез на земјата во Европската Унија.

„Во моментов работиме на усогласување на нашиот царински тарифник со ЕУ регулативите, нашата поддршка за странските инвестиции е исто така во согласност со европските правила, што значи само едно, предвидлива бизнис клима. Северна Македонија ја креира својата нова развојна економија која целосно подготвена ќе го дочека влезот во ЕУ“, заврши вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, зборувајќи на интерактивниот панел Економските стратегии на Република Северна Македонија во пост-пандемскиот период и напредокот на преговарачкиот процес за членството во ЕУ“, кој се одржа за време на форумот „Стратешки економски разговори“.