Николовски на промоција на „Националната стратегија за зајакнување на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот 2021-2023“: Конфискацијата на имот и противправно стекната имотна корист се императив за истерување на правдата до крај

Денеска во Клубот на пратеници беше промовирана „Националната стратегија за зајакнување на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот 2021-2023“, чиј домаќин беше заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, а активно учество земаа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески, директорката на Управа за јавни приходи Сања Лукаревска и  директорот на Управа за финансиска полиција Арафат Муареми.  

Во подготовката на „Националната стратегија за зајакнување на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот 2021-2023“ активен придонес дадоа Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Јавното обвинителство, Управата за финансиска полиција, Управа за финансиско разузнавање, Управа за јавни приходи, Царинска управа, Агенција за управување со одземен имот, Академијата за судии и јавни обвинители, Основниот кривичен суд Скопје и Судскиот совет, а изработена е со поддршка од германското Министерство за економска соработка и развој и  од норвешкото Министерство за надворешни работи преку Глобалната програма за борба против нелегални финансиски текови на Германското друштво за меѓународна соработка- ГИЗ.

Вицепремиерот Николовски, се осврна на приоритетите на Владата на Република Северна Македонија во борбата против корупција и криминал, со посебен акцент на развојот на капацитетите за вршење финансиски истраги и конфискација на имот. Посочи дека усвојувањето на оваа Стратегија, како една од стратешките алатки за борба против корупцијата, е дел од активностите утврдени во владиниот План за борба против корупција, што ќе придонесе за зголемување на ефикасноста на кривичните истраги кои треба да резултираат со конфискација на имот и противправна имотна корист.

„Дел од мерките во владиниот План за борба против корупција, се значајни за ефикасна имплементација на активностите од Националната стратегија. Една од клучните мерки во Планот е дигитализацијата на процесите, односно поврзувањето на надлежните институции на платформата за Интероперабилност, со која се зајакнува оперативноста на институциите, нивната електронска поврзаност и навремената размена на податоци. Владата, донесе одлука за зајакнување на капацитетите на јавните обвинителства во државата. Паралелно, водејќи се од принципите на заштита на националниот имот, како и на државниот буџет, во фаза на подготовка е и предлог Закон за потекло на имот, нешто што за прв пат го добива нашата држава. Времето на неказнивост, избегнување на правдата, изигрување на законите, полека но сигурно станува минато. Конфискацијата на имот и противправно стекната имотна корист се императив за истерување на правдата до крај“, истакна Николовски.

Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, имплементацијата на наведената стратегија ќе придонесе кривичните истраги да резултираат со поголема конфискација на имот и имотна корист, со што ќе се зајакне и ефикасноста во борбата против организираниот криминал и корупцијата. Тој подвлече дека само со спроведување на меѓуресорски координирани финансиски истраги со цел идентификување и следење на приноси, имот и имотна корист во земјата или во странство, а кои ќе се спроведуваат паралелно со криминалистичката истрага, може да се обезбеди нивна подоцнежна конфискација.

„Формирањето на посебната, специјализирана единица за водење на финансиски истраги во МВР беше еден од главните приоритети, но и бенефити од претходната стратегија. Наведената Единица, формирана во 2020 година, веќе успеа да се етаблира и да испорача конкретни и видливи резултати. Во овој момент, како резултат на активностите на оваа Единица се водат финансиски истраги против 67 физички и против 16 правни лица. Притоа, тоа се финансиски истраги кои се спроведуваат паралелно со криминалистичката истрага“, потенцираше Спасовски дополнувајќи дека императив е што поширок пристап до државните бази на податоци за истражителите, со цел размена на информации на системски, едноставен, безбеден и функционален начин што се овозможува со Националната платформата за интероперабилност.

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески, посочи дека Националната стратегија е од особена важност не само за надлежните институции за водење на финансиски истраги во делот на следење на текот на парите и откривање незаконски стекнат имот, туку и за Јавното обвинителство кое е надлежно да ги гони сторителите на кривични дела.

„Стратегијата и Акцискиот план се важен исчекор во борбата против криминалот и се очекува да придонесат за зајакнување на координацијата помеѓу надлежните институции за водење на финансиските истраги. Современиот облик на криминалот кој често не завршува во границите на една земја наметнува потреба од соработка помеѓу земјите, но и на надлежните органи за откривање на овој вид кривични дела и нивните сторители“, изјави јавниот обвинител Јовески.

Директорката на Управата за јавни приходи Лукаревска појасни дека УЈП како неопходен орган во алката на спроведувањето на финансиските истраги ќе биде дел од Националната комисија за следење на имплементацијата на Стратегијата и Акциските планови, како и дел од  мулти-агенциски тимови кои ќе вршат координирана заедничка работа на сложени предмети со претставници од повеќе институции координирани од ОЈО.

„За областа Платформа за интероперабилност, сертифицирање и развивање на веб сервиси – прилагодување на ИКТ Системите на институциите за примање на податоци од институциите од кои имаат потреба, УЈП се наоѓа во процес на дигитализација и модернизација на ИТ системот и воспоставување на нов интегриран даночен информационен систем (ИДИС). Воспоставувањето на ВЕБ сервиси за цели на размена на податоци со трети страни е дел од новиот ИДИС и континуирано се зголемува степенот за размена на податоци преку Платформата за интероперабилност“, рече директорката Лукаревска.

Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми, изјави дека Управата е доста активна во преземањето на дејствија во врска со финансиските истраги без оглед дали се работи за спроведени финансиски истраги по сопствена иницијатива, или по барање на надлежно Јавно обвинителство или други институции кои посочуваат постоење на основи на сомневање за сторено кривично дело.

„Искуствено гледано, финансиските истраги каде што постојат основи на сомнение за сторено кривично дело или нелегално стекнат имот се сложен процес за кој е потребно време и големи ресурси, како и подобрување на соработката помеѓу институциите во делот на прибавување на податоци, за што од големо значење е и заложбата на Владата на Република Северна Македонија, пред се во делот на воспоставување на систем на размена на податоци – Интероперабилност“, изјави директорот Муареми.

Гарант за целосно и навремено имплементирање на предвидените активности во следните две години, е формираната  Национална комисија за следење на имплементација на Стратегијата и на Акцискиот план.