На 9-та седница на Советот за реформа на јавната администрација презентиран првиот предлог за реорганизација на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби на централно ниво

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска заседаваше со 9-тата седница на Советот за реформа на јавната администрација. На седницата беа презентирани предлозите, наодите и препораките од Проектот „Поддршка на државната реорганизација“. Дополнително, членовите на Советот за реформа на јавната администрација, го разгледаа третиот полугодишен извештај за периодот јануари – јуни 2020 година од Акцискиот план на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018 – 2022 година, како и третиот годишен извештај за имплементација на Акцискиот план на Стратегијата за реформа на јавната администрација (2018 – 2022) за 2020 година.

Како што истакна премиерот, реорганизацијата на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби е еден од клучните реформски приоритети за подобрување на ефикасноста и сервисната ориентација на јавната администрација. За таа цел, беше одржана и тематска седница на Владата на која детално беше дискутиран првиот предлог Интегриран извештај за идната организациска поставеност на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби на централно ниво.

„Врз основа на вашата активна партиципација од минатата недела и предлозите кои тогаш, а и дополнително ги споделивте со министерот за информатичко општество и администрација, од страна на проектниот тим направена е Презентација на предлогот, наодите и препораките за идната структура на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби на централно ниво“, информираше премиерот Заев.

Експертот на проектот, Александар Антоновс, го презентираше предлогот за идната структура на јавната администрација.

Тој се осврна на инклузивноста на процесот во кој беа вклучени сите засегнати страни и сите министерства. Изминатиот период беа направени повеќе анализи, интервјуа, работни состаноци кои доведоа до првиот предлог за реорганизација на јавната администрација. Предлогот за реорганизација во наредниот период ќе биде доставен и на седница на Владата.

Премиерот Заев изрази благодарност до Делегацијата на Европската унија и на Проектот „Поддршка на државната реорганизација“ за досегашната помош и соработка во имплементирањето на оваа значајна реформа кој треба да доведе до оптимизирање на целокупната институционална рамка, што ќе доведе до поставување на јасни линии на отчетност, подобрување на испораката на услугите, ефикасноста и ефективноста на јавната администрација и зајакнување на довербата на граѓаните во јавниот сектор.

Министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, го презентираше Третиот полугодишен извештај за периодот јануари – јуни 2020 година и Третиот годишен извештај за имплементација на Акцискиот план на Стратегијата за реформа на јавната администрација (2018 – 2022) за 2020 година.

Како заклучок на состанокот беше, дека во наредниот период Предлогот за идната организациска поставеност на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби на централно ниво, ќе биде финализиран и доставен на седница на Влада.