Милевски: Реновираната болница Св. Еразмо во Охрид станува Центар за здравствен туризам

Реновирана и со нова опрема, по долги години, специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св. Еразмо во Охрид прераснува во современ центар за физикална терапија како единствена болница во Југозападниот плански регион, а во делот на ортопедијата и трауматологијата на ниво на целата држава, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

- Од денеска овој центар ќе почне да функционира со полн капацитет бидејќи  со овој проект го реконструиравме постоечкиот базен за физикална терапија, направивме градежни зафати за енергетска ефикасност и посебна инфраструктура за загревање на базенот со обновливи извори на енергија, а го опремивме и центарот за физикална терапија со сите потребни помагала за корисниците/пациентите, рече Милевски.
Според него една од најважните придобивки е зачувување на животната средина и заштедата на електрична енергија за 50 проценти за што беа поставени 46 соларни панели, а овој проект е доказ дека заедно со Швајцарската агенција за развој и соработка се грижиме за граѓаните преку инвестиција во здравството. Министерството за локална самоуправа преку Швајцарската агенција за развој и соработка обезбеди осум милиони денари за проектот во рамките на развојни цели на Југозападниот плански регион, дополни тој.

- Базенот којшто денеска го пуштаме во функција е единствен базен којшто во болнички услови во нашава земја во којшто може да се изведува специфична рехабилитациона терапија после изведените ортопедски хируршки интервенции. Единствен базен во јавно-здравствена установа којшто има опрема и топла вода специфично направен за да овие пациенти закрепнат за што пократко време, односно голем дел од нив на овој начин проодуваат, истакна министерот за здравство Венко Филипче.
 Според него новата опрема за центарот за физикална терапија со сите потребни помагала за пациентите ќе им овозможи врвна нега според светски стандарди.

 - Од денес, можам слободно да кажам , полека но сигурно, Охрид прераснува центар за здравствен туризам.  Со реконструкцијата на базенот за физикална терапија во специјалната болница „Свети Еразмо“ создадени се услови пациентите од градот, но и од поширокиот регион, да можат да ги користат специјалистичките услуги за лекување на болести поврзани со нарушените моторни функции кај човековото тело, рече градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.
Тој посочи дека услугите на ЈЗУ Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо” – Охрид, како и на нејзиниот високо квалитетен и соодветно обучен кадар, веќе долг период стојат на располагање на целиот југозападен регион и пошироко. Доказ за квалитетот на услугите се и големиот број успешно извршени интервенции и спасени животи. Најискрено им благодарам за тоа.

- Швајцарија е искрен и сигурен партнер кој ја поддржува политичката, социјалната и економската транзиција на Република Северна Македонија од 1992 година. Оваа година ние започнавме нова Програма за соработка 2021-2024 со која се посветуваме да ја продолжиме поддршката. Регионалниот развој е доста комплексна тема, но ние го препознаваме фактот дека е клучен за подобрување на животните стандарди за сите граѓани во државата. Ние веруваме дека учеството на граѓаните во процесот на донесување одлуки за приоритетите за развој на регионите во кои живеат, се клучни за намалување на регионалните диспаритети, и остварување поквалитетен живот, рече Сибил Зутер Тејада, амбасадорката на Швајцарија.

Според неа реконструкцијата на Св. Еразмо е типичен пример каде граѓаните одлучуваат за што е приоритет во нивниот регион преку учество на регионалните форуми.
- Особено сум горда што овој проект кој финансиран заедно со нашиот партнер Министерството за локална самоуправа, остварува уште еден швајцарски приоритет, односно зелената агенда. Свесни сме дека климатските промени влијаат врз сите нас, и затоа сите ние сме одговорни за борбата и ублажувањето на нивните ефекти, додаде таа.
Според Ацо Велески, директор на Св. Еразмо, Охрид, овој проект е доказ како брзо и едноставно можат да се решат проблемите кога сите заедно, секој во граници на своите можности соработуваме, стремејќи се кон остварување на племенити цели.

-Со реализација на овој проект кој е од огромно значење за целиот Југозападен регион, крајниот бенефит ќе биде кај пациентите, кај кои во процесот на рехабилитација, хидротерапијата е неопходна за што побрзо и поефикасно враќање во нормален, секојдневен живот и активности. Тоа се однесува за ортопедско-трауматолошките пациенти, било тие да се лекуваат оперативно или конзервативно, за невролошките и неврохируршките пациенти, за пациентите со дегенеративни заболувања, за младите со вродени деформитети на локомоторниот апарат и деформитети на ‘рбетниот столб, за пациентите со церебрална парализа и многу други заболувања, рече Велески.

Според Рамиз Мерко, претседател на Советот за развој на Југозападен плански регион и градоначалник на општина Струга, овој проект е финансиран преку грантова шема во рамки на проектот "Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој" чијашто главна цел е намалување на диспаритетите помеѓу регионите и во рамки на регионот и креирање подобри услови за живот на  граѓаните.
- Овој проект има регионално, национално и меѓународно значење, со оглед на фактот што пациентите за овој посебен тип на хидро-терапија доаѓаат од целиот Југозападен регион, нашата држава но и од соседните држави, додаде Мерко.