Од првиот состанок на Оперативното тело за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот: Принципите на инклузивност и диверзитет треба конзистентно да се применуваат во политиките

Оперативното тело за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот денеска го одржа првиот состанок на кој беа презентирани постигнатите резултати и беа разгледани состојбите и предизвиците во спроведувањето на Националната стратегија за развој на концептот едно општество за сите и интеркултурализмот (2020-2022 година).

На средбата на членовите на Оперативното тело беше усвоен Извештајот за реализирани активности од Националната стратегија за 2020 година и беше презентирана и електронската база на податоци на релевантни меѓународни документи насочени кон унапредување на меѓукултурниот дијалог и интеграцијата на општеството.

Заменик-претседателот на Оперативното тело, министерот за правда Бојан Маричиќ кој го водеше состанокот истакна дека ова Оперативно тело, како сложено меѓуресорско тело составено од 17 члена претставници на државни институции и експерти, е резултат на исклучително важен ангажман во рамки на Националната стратегијата едно општество, со цел да се постигне нешто добро и квалитетно за граѓаните. Во него членуваат првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи со заедниците, Артан Груби, кој е претседател на Оперативното тело, како и министерката за образование и наука Мила Царовска, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, министерката за култура Ирена Стефоска, министерот за локална самоуправа Горан Милевски, како и Народниот правобранител Насер Зибери.

Националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски истакна дека и покрај Ковид кризата во рамки на развојот на концептот едно општество има повеќе отпочнати и завршени работи. 

Тој информираше дека Извештајот претставува преглед на спроведени активности по области и идентификувани предизвици.

„Ова е прв состанок на Оперативното тело како интерсекторско тело а во иднина ќе ги интензивираме средбите. Моја најголема радост е што сме сведоци на сѐ поголема свесност за вредностите на концептот „Едно општество“ во институциите кои веќе се чувствуваат обврзани да внимаваат на овие придобивки. Се обврзуваме да работиме и на видливоста на овие резултати што ги постигнавме“, подвлече Алаѓозовски.

Заменик-претседател на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, истакна дека во контекст на концептот едно општество има голем исчекор по прашање на социјалната кохезија за што голем удел има и Оперативниот план за вработување во приватниот сектор којшто се темели врз принципот на инклузивност и диверзитет што подразбира поголем удел на помалку застапените групи и етничка застапеност при вработувањата, како и принципот на рамномерен регионален развој преку кој  се работи на мотивација и стимулација на инвеститорите во помалите региони.

„Принципите на инклузивност и диверзитет треба конзистентно да се применуваат во политиките“- подвлече Битиќи.

Членовите на Оперативното тело беа едногласни дека огромна е важноста од модификација и прилагодување на образовниот систем и стимулирање на принципот на изучување на јазиците на другите заедници што би требало да се стимулираа со стипендии како важен фактор во градењето на интеркултурализмот.  Беше подвлечена и важноста на родовата еднаквост при вработувањето, особено во помалите етнички заедници и што поголема вклученост на младите не само како советодавен туку и имплементирачки фактор во креирањето на политики. Членовите на оперативното тело исто така беа едногласни дека е потребна популаризација и соодветна промоција на оваа Стратегија која е уникатен документ и во европски рамки.

На состанокот едногласно беше усвоен Извештајот за преземени активности предвидени во Националната стратегија, при што беа истакнати реализираните клучни активности во  седум области - кластери кои имаат клучно значење за интеркултурализмот: правна рамка, образование, медиуми, култура, општествена кохезија, млади и локална самоуправа.