Хоџа: Учениците од земјоделско-ветеринараната струка, секогаш ќе и бидат потребни на една држава

Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, заедно со министерката за образование и наука, Мила Царовска, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, ученици и наставен кадар на училиштето СУГС „Браќа Миладиновци“ присуствуваше на свечено отворање за јавност на мини ЗОО Паркот на ова средно училиштето во Драчево.

Во конкуренција на триесетина средни училишта од државава, учениците од ова средно училиште се победници на два натпревари во организација на Фондот за иновации и технолошки развој, со Проектите за мини ЗОО Парк и Систем за аквапоника. 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопантсво Арјанит Хоџа, изјави дека учениците од земјоделско-ветеринараната струка, секогаш ќе и бидат потребни на една држава.   

„Јас верувам дека сите средни училишта во Република Северна Македонија постојано остваруваат успеси и постигнуваат одлични резулати, но ова училиште е посебно, бидејќи е единственото средно училиште кое има своја сопствена мини зоолошка градина со многу животни и птици. Јас би ги повикал најмногу полуматурантите, особено оние кои сакаат природа и животни, да го посетат училиштето и да се уверат дека овде ќе учат опкружени со пририда. Ќе научат зошто аквапониката е еден од најсовремените производствени процеси во кои животот во симбиоза на различни биолошки видови, дава одлични резултати во земјоделското производство. Ете тоа е иднината, тоа се тие напредни иновативни идеи. Тоа е познатата младешка енергија, која носи развој“ изјави министерот Хоџа.  Тој додаде дека земјоделството е иднината. Всушност, земјоделството не е само иднина, тоа е основа. Без земјоделство, без производство на храна, без одржливо управување со природните ресурси, и сите други  неопходни услови за живот, човекот неможе да опстане. Затоа развиените држави имаат најразвиено земјоделство и инвестираат постојано во развој и јакнење на секторот.

Министерката за образование и наука изјави дека токму ваквите успешни млади луѓе со храбри идеи се мотивот за министерството за образование да го препознава ваквиот квалитет и да го стимулира. Токму за таа цел се наменети стипендиите за средните стручни училишта. 

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов изјави дека ова училиште е едно од најкреативните училиште и упати искрени честитки кон директорката, нејзиниот тим и сите ученици за постигнатите резултати.

Директорката на СУГС „Браќа Миладиновци“ Елизабета Ангелеска, изјави дека е горда на своите ученици и ги повика сите вљубеници во природата да го посетат мини ЗОО Паркот а  полуматурантите, да се запишат во ова училиште и да учат непосредно грижејќи се за животните и уживајќи во прекрасното опкружување на хортикултурно уредениот двор, во кој е сместен ЗОО Паркот со околу педесет животни, домашни и светски, како и многу птици. 

ЗОО Паркот од денеска е отворен за посетители. Влезот нема да се наплатува, концептот е да се остават пари на доброволна основа, но најмалку десет денари со кои воедно посетителите ќе можат да купат храна за животните и птиците.