Вицепремиерот Битиќи се сретна со косовската министерка Хајдари – Да создаваме економски политики за зголемување на меѓусебната соработка и подобрување на конкурентноста на регионот на Западен Балкан

Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, еднодневната работна посета во Република Косово ја започна со средба со министерката за трговија, претприемништво и индустрија Розета Хајдари, со која разговараа за економската соработка помеѓу двете земји.

Вицепремиерот Битиќи посочи дека е исклучително важно Владите на земјите од Западен Балкан да креираат кохерентни и конзистентни политики со кои ќе се зголемува конкурентноста на регионот, наместо конкуренција помеѓу земјите, пришто ќе се унапредува меѓусебната економска соработка, во насока на подобрување на условите за живот и создавање на повисок животен стандард за сите граѓани во која и од земјите да живеат. Преку „Берлинскиот процес“, кој се реализира со поддршка од влијателни земји-членки на ЕУ, направени се сериозни чекори со кои се унапредува дијалогот помеѓу Владите, но и претставниците на бизнис заедницата и се започнати сериозни реформи кои ќе ги доближат сите земји од Западен Балкан до членството во Европската Унија.
 
Економската соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Косово, како две соседни и пријателски земји, има сериозен потенцијал да се продлабочува уште повеќе, заклучија на меѓусебната средба вицепремиерот Битиќи и министерката Хајдари и посочија дека за поздравување е податокот дека трговската размена во првите три месеци од 2021 бележи пораст од 30%.
 
Министерката Хајдари и вицепремиерот Битиќи се заложија да продолжат со заедничките ангажмани за да ја унапредуваат економската соработка помеѓу двете земји, но и да работат на подигнување на конкурентноста на регионот во интерес на сите граѓани.