Заев на средба со претседателката на Сенатот на Шпанија Куенка: Во Шпанија е препознаено подобрувањето на институционалниот систем во Северна Македонија, продолжува поддршката на европскиот пат

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, во рамките на работната посета на Кралството Шпанија, како прв македонски премиер во посета на оваа земја, оствари средба со претседателката на Сенатот на Шпанија, Марија Пилар Љоп Куенка.
 
Премиерот Заев на средбата ја изрази благодарноста на Владата и на народот на Северна Македонија за поддршката што Шпанија ја пружаше постојано на евроатлантскиот пат на нашата земја и која и во овој актуелен миг доаѓа до израз и со поддршката во процесот за пристапување во членство во ЕУ.
 
„Граѓаните на Северна Македонија се особено благодарни и вечно ќе го паметат гестот што го направи шпанскиот Сенат кога овозможи електронско гласање на Протоколот за ратификација на членството на Северна Македонија во НАТО, и тоа во исклучително драматични моменти на почетокот на пандемијата“, истакна премиерот Заев на средбата со претседателката на Сенатот на Шпанија Куенка.
 
Заев додаде дека тој гест, како и поддршката на сите останати земји-членки на НАТО беше охрабрување и за евроинтеграцискиот процес и за силната посветеност на земјата за негување и афирмација на европските вредностите и на реформи според европските стандарди, особено во сферата на владеењето на правото и борбата против корупцијата.
 
Претседателката на Сенатот на Кралството Шпанија, Марија Пилар Љоп Куенка од своја страна нагласи дека членовите на Сенатот ја препознале важноста на пристапувањето на Северна Македонија во членството во НАТО и затоа со задоволство ги презедоа сите пандемиски мерки за да обезбедат електронско гласање за да го затворат процесот на ратификација по што следуваше и формалниот прием на земјата за членка во Алијансата.
 
Претседателката Куенка потенцираше дека Шпанија продолжува силно да ја поддржува Северна Македонија и на европскиот пат и дека се препознаени постигнувањата и резултати за подобрување на институционалниот систем во земјата, што е особено важно при интеграцијата во ЕУ.
 
Претседателката на Сенатот на Кралството Шпанија, Марија Пилар Љоп Куенка на средбата рече дека овие остварувања се резултати и на лидерството на земјата во овие четири години, особено заради ангажманот на премиерот Заев.  
 
„Преку договорот од Преспа и преку севкупната ваша домашна и меѓународна политика вие сте пример за моќта и важноста на дијалогот и кога е во прашање водење успешен дијалог, можеме да учиме од вас“, порача на средбата со премиерот Заев претседателката на Сенатот Куенка.
 
Во рамки на посетата на Сенатот на Кралството Шпанија, премиерот Заев и делегацијата ја посетија историската библиотека на Сенатот каде што се изложени географски карти на Европа од 17 век на кои е презентиран поширокиот географски регион Македонија.