Со 46,5 милиони евра од Светска банка - поголема енергетска ефикасност во јавен сектор и подобро основно образование

Со 46,5 милиони евра, преку Рамката за партнерство со Светска банка, ќе се спроведат „Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор“ и „Проектот за унапредување на основното образование“, кои денеска беа промовирани од страна на министерот за финансии, Фатмир Бесими, директорот на Светска банка во Република Северна Македонија, Масимилијано Паолучи, министерот за економија, Крешник Бектеши, министерот за здравство, Венко Филипче и министерката за образование и наука, Мила Царовска, а со присуство на директорот на Развојната банка, Кире Наумов. „Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор“ има за цел креирање на одржливи механизми за енергетска ефикасност во јавниот сектор, додека „Проектот за унапредување на основно образование“ има за цел преку инвестиции во инфраструктурата, образовните програми и кадри да ги подобри условите во образованието.

Министерот за финансии, Бесими посочи дека овие проекти се дел од четиригодишна рамка за партнерство со Светска банка, во вкупна вредност од 420 милиони долари, којашто е насочена кон креирање конкурентна економија, инклузивен и одржлив раст на земјата.

„Проектите што денеска ги претставуваме се од исклучително значење за економскиот развој на земјава, едниот во насока на креирање на економска одржливост и ефикасност, а другиот во насока на унапредување на образованието и вложување во човечките ресурси. И едниот и другиот проект се во насока на постигнување на СМАРТ-раст или „Попаметен раст“, преку вложување во подобрување на ефикасноста и инвестиции во креирање на додадена вредност преку унапредување на човечките ресурси. Двата проекти имаат силна развојна компонента и се од големо значење, особено во тековните услови кога се соочуваме со ефектите на КОВИД-19 кризата врз економијата. Инјектирањето на средства во проекти кои имаат силна додадена вредност се од големо значење за заздравување на економијата, а понатаму и за забрзување на економскиот раст“, посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Директорот на Светска банка во Република Северна Македонија, Масимилијано Паолучи, истакна дека „Проектот за унапредување на основното образование“ ќе ги поддржи сеопфатните реформи на Владата, како основа за долгорочни подобрувања. Со тоа ќе придонесе кон изградба на модерен и ефикасен систем за образование во земјата и поконкурентен и адаптибилен човечки капитал.

„Во рамки на проектот ќе бидат директно опфатени основните училишта, со цел да се подобрат условите за учење, истовремено ублажувајќи ги и враќајќи ги загубите во учењето, генерирани од пандемијата предизвикана од КОВИД-19. Ние ќе обезбедиме поддршка на учениците од ранливите групи, вклучително Ромите, девојчињата и учениците коишто се погодени од затворањето на училиштата поради КОВИД кризата. Фокусирањето на квалитетот и нееднаквоста ќе и помогне на Република Северна Македонија да го подобри својот човечки капитал, да ја зголеми продуктивноста на трудот и да поттикне поинклузивно учество на пазарот на труд“, рече Паолучи.

Во однос на „Проектот за енергетска ефикасност“, Паолучи потенцира дека истиот е во насока на зголемување на енергетско ефикасни инвестиции во јавниот сектор. Проектот е во вкупна вредност од 25 милиони евра и има за цел намалување на потрошувачката на енергија во јавниот сектор и поддршка за воспоставување и спроведување одржлив механизам за финансирање на енергетска ефикасност во јавниот сектор.

„Проектот за енергетска ефикасност“ што ќе се имплементира преку Проектната единица МСИП во Министерството за финансии-МСИП се состои од три компоненти - првата се однесува на инвестиции во енергетски ефикасни проекти и обновлива енергија во јавни објекти како општински згради, згради на централна власт со приоритет на јавни здравствени установи и јавно осветлување, втората на техничка помош за формирање на Фонд за енергетска ефикасност и третата се однесува на почетен капитал за Фондот за енергетска ефикасност.

„Основањето на револвинг Фонд за енергетска ефикасност е клучен предизвик за остварувањето на политиките во Енергетската стратегија, бидејќи на долг рок, инвестициите во подобрувања на енергетската ефикасност придонесуваат кон економската и финансиската одржливост. Заштедата на енергија е директно поврзана со намалување на влијанијата врз животната средина и редуцирање на загадувањето на воздухот во поголемите градови. Секој заштеден kWh придонесува кон намалување на количините на изгорен јаглен во термоелектраните во Северна Македонија. Затоа, инвестирањето во енергетска ефикасност на јавните згради носи одржливост кон почиста животната средина, но истовремено создава можности за развој на енергетските услуги и преку овој проект се очекува да бидат отворени приближно 130 нови зелени работни места“, нагласи министерот за економија, Крешник Бектеши.

Министерот за здравство, Венко Филипче, истакна дека „Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор“ ќе значи многу за унапредување на инфраструктурата и на јавно-здравствените установи.

„Ние направивме една селекција врз основа на состојбата во којашто тие се наоѓаат и благодарение на овој проект со целосно нова инфраструктура, односно енергетски ефикасни кров, фасада, нови прозори, врати и делумно уредување на внатрешноста ќе се имплементираат во здравствениот дом во Валандово, Кратово, Крива Паланка, Неготино, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Св. Николе, Поликлиника Идадија во Здравствен дом во Скопје, Институтот за физикална медицина и рехабилитација во Козле во Скопје, на терциерно ниво УК за психијатрија, Здравствениот дом во Штип како и повеќе здравствени институции, станици коишто се дел од здравствените домови, во село Карбинци, село Пештани, село Белчишта, село Бучин, село Герман, село Ранковце, село Зрновци, село Блатец и село Извор. Целта беше да имаме еден дисперзиран систем во којшто што поголем број на граѓани ќе добиваат здравствена услуга во осовремени здравствени објекти“, истакна Филипче и додаде дека благодарение на поддршката од Светска банка минатата година е зголемен болничкиот капацитет, меѓутоа и значајно се зголемени инвестициите во делот на инфраструктурата, опремата, како и бонусите за кадарот, односно за здравствените работници коишто работат со пациенти заболени од КОВИД-19.

Рокот за отплата на овој заем за „Проектот за енергетска ефикасност“ е 12 години, со вклучен грејс период од 3 години, додека каматната стапка е шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за фиксен распон.

„Проектот за унапредување на основното образование“ во вредност од 21,5 милиони евра, има за цел вложување во подобрување на образовниот процес. Истиот има опфат на широка група засегнати страни, како наставници, ученици, родители, службени лица од локалната самоуправа, ранливи категории.

Проектот се состои од четири компоненти - подобрување на училишната инфраструктура, развивање на програма за државно тестирање, зајакнување на компетенциите на наставниот кадар и мониторинг и управување на проектот.

„Проектот за унапредување на основното образование за кој денес потпишуваме договор за финансирање од страна на Светска банка, вреден 21,5 милиони евра, ќе обезбеди побрза и поголема достапност на средства за училиштата, повеќе инвестиции во училишните услови, полесно надминување на предизвиците од пандемијата и генерално подигнување на конкурентноста на образовниот систем. А тоа ќе значи создавање на нови генерации од кои, секоја една, ќе биде подобра од претходната, како гаранција дека човечкиот капитал и движечката сила на државата постојано растат“, рече министерката за образование и наука, Мила Царовска, додавајќи дека Светска банка секогаш ги препознава добрите намери и заложбите на Владата за унапредување на националниот образовен систем и дава силна поддршка за остварување на целта.

Рокот на отплата на овој заем за „Проектот за унапредување на основното образование“ е 11 години, со вклучен грејс период од 3 години и каматна стапка од шестмесечен ЕУРИБОР со варијабилен распон.

Изминатите три децении Светска банка е наш посветен партнер во економскиот развој, во градењето на подобра инфраструктура и општество, финансирајќи проекти во вкупна вредност од над 2,5 милијарди долари.