Шахпаска : Општина Липково добива нова детска градинка која ќе згрижи 102 деца, преку Договорот за грант за изградба на нови градинки

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска  заедно со градоначалникот на Општина Липково, Еркан Арифи денеска потпишаа  Договор за грант со кој се доделуваат финансиски средства за изградба на нова детска градинка во населеното место Матејче.

„Новата градинка ќе биде со капацитет за згрижување на 102 деца, на возраст од 0 до 6 години, за чија изградба и опремување Министерството за  труд и социјална политика издвои 50 милиони денари.  Како Министерство, посветено работиме на нашата агенда, која е и  дел од владината програма, изградба на нови и проширување на постоечките капацитети на детски градинки,“ изјави министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Таа посочи дека покрај  вложувањето во просторните  капацитети на  градинките,  Министерството за труд и социјална политика, продолжува да вложува и во унапредување на наставните програми и професионалните компетенции на вработените во нив.

Градоначалникот на Општина Липково, Еркан Арифи информираше дека според официјалните статистички податоци на територијата на општина Липково живеат околу 2.200 деца на возраст до шест години, како и дека изградбата на оваа нова градинка во Матејче е вистински потег во правец на решавање на овој предизвик.

Овој грант е дел од компонента 2 на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Светска банка. Досега, со средствата преку овој Проект, реконструирани  се  градинки во Ресен и Боговиње, а во тек е изградбата и реконструкцијата на уште осум градинки во Кавадарци, Неготино, Кочани, Струмица, Пробиштип, Крива Паланка и во скопските општини Кисела Вода и Ѓорче Петров, во кои ќе се згрижат уште  1349 деца.

Липково е една од 17-те општини која аплицираше и ги исполни условите од првиот јавен повик за доделување грантови за изградба на детски градинки и центри за ран детски развој. Наскоро ќе биде објавен нов јавен повик за доделување грантови за проширување на постојните и изградба на дополнителен број нови градинки ширум земјата.