Во чест на Меѓународниот ден на Ромите пред зградата на Владата е кренато знамето на ромскиот народ и започна испораката на 450 примероци од Речникот на ромски јазик и 800 примероци од Граматиката на ромски јазик на 14 општини

Во чест на одбележувањето на денешниот празник 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите, кога ги славиме историјата и културата на Ромите, пред зградата на Владата на Република Северна Македонија е подигнато знамето на ромскиот народ.

По повод одбележувањето на јубилејот, 50 години од одржувањето на Светскиот конгрес на Ромите, 31 година од прогласувањето на 8 Април за Меѓународен ден на Ромите од страна на Обединетите нации и 20 години од впишувањето на Ромите во Уставот на нашата земја, согласно Одлуката на Владата донесена на 59-тата седница, генералниот секретар Мухамед Зеќири ја започна постапката за отстапување за трајно користење на 450 примероци од Речникот на ромски јазик и 800 примероци од Граматиката на ромски јазик на 14 општини во Република Северна Македонија.

Примероците на Граматиката на современиот ромски јазик и Речникот на ромски јазик како темелници на јазичната култура и наука на ромската заедница се испорачуваат на локалната власт во општините: Шуто Оризари, Штип, Кочани, Виница, Делчево, Берово, Пехчево, Куманово, Тетово, Гостивар, Прилеп, Битола, Велес и Крива Паланка.