Заев: Новата велосипедско-пешачка патека во Свети Николе има важно место во програмите за рекреација и за зголемувањето на зелените површини за граѓаните во локалните заедници

Претседателот на Владата Зоран Заев и градоначалникот на Општина Свети Николе Сашо Велковски денеска беа на увид на новата пешачка и велосипедска патека во Општина Свети Николе која веќе е готова и подготвена за користење.

Како што истакна премиерот Заев, станува збор за модерна и урбана зона, која е хортикултурно уредена со зеленило и претставува прекрасно место каде граѓаните ќе можат да се релаксираат.

Велосипедската и пешачка патека, води од Свети Николе до археолошкиот локалитет Билазора во с.Кнежје и е долга околу 2.100 метри.

„За Владата на Република Северна Македонија програмите за спорт и рекреација, како и зголемувањето на зелените површини остануваат важни алки кои придонесуваат кон развој на прогресивното општество и овозможуваат стекнување и ширење на основните етички принципи особено кај младите луѓе. Спортските активности имаат витална улога кај младата популација, од една страна, по однос на здравјето и правилниот развој, а од друга,  ги учат младите на вредностите на заедничката работа, дисциплина, делењето на успесите и наградите за постигнатите резултати", рече премиерот Заев.

Како што информираше градоначалникот Велковски, долж патеката се посадени 1.000 садници, поставени се 66 канделабри и повеќе места за одмор.

„Патеката веќе се користи што е потврда дека вакво место за релаксација беше потребно во нашиот град", рече Велковски.

Патеката е со вкупна вредност од околу 17 милиони денари, од кои пет и пол милиони денари кофинансира Општината Свети Николе. Останатите средства се обезбедени преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделието и руралниот развој и преку Центарот за развој на Вардарскиот плански регион со финансиска поддршка од Бирото за регионален развој при Министерството за локална самоуправа.