Армиските ренџери добија нови реновирани простории

Министерката Радмила Шекеринска денес во касарната „Илинден“ го посети реновираното седиште на армиската единица „Ренџери“ кое се простира на над 4.000 метри квадратни површина и на кое во изминатите неколку месеци се вршеа интензивни работи на реконструкција и инфраструктурно осовременување на просторот.

Честитајќи им на „ренџерите“ на новите реновирани простории министерката изрази задоволство што добиваат подобри услови за работа и што тоа значи нов чекор во подобрувањето на стандардите во Армијата.

„Откако го завршивме и заокруживме новиот реконструиран објект во Куманово, објектот на армиските ренџери е вториот целосно заокружен и реновиран армиски објект со целосна реконструкција, која се случува по 50 години нејзино користење. Овој објект и претходно а и сега ќе го користат армиските ренџери, една од нашите елитни единици“, рече Шекеринска и подвлече дека инвестициите во физичката инфраструктура освен што значат подигање на стандардот водат и кон зголемување на интересот за армиската професија.

„Членството во НАТО не е само шанса и безбедност за државата, туку е и одговорност за работењето и условите за живот и работа на Армијата. Затоа во изминативе три и пол години вложувавме во тоа да ја направиме војничката професија атрактивна преку зголемување на примањата но и преку зголемување на шансите за развивање на кариера во НАТО и дома“, истакна министерката.

Шекеринска посочи дека реконструкциските зафати се еден од приоритетите во одбраната, и во касарната „Илинден“ во завршна фаза на целосна реконструкција е и втор голем објект во кој ќе бидат сместени гардата и логистичката единица, додека истовремено тече и реконструкција на трет објект во оваа касарна.

Реновирањето на објектот чинеше 45,5 милиони денари при што е поставена комплетно нова електрична инсталација и инсталација за греење, направена е хидро изолација, комплетна обнова на санитарните јазли, бетонирање, нови подови од линолеум, молерофарбарски и браварски работи. Заради запазување на енергетска ефикасност направена е комплетна термо изолација која опфаќа замена на сите врати и прозорци и поставување на термичка фасада.