Средба на премиерот Заев со постојаната координаторка на ОН во земјава, Дуџак: Обединетите нации ја продолжуваат поддршката на нашата држава

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев се сретна со Росана Дуџак, постојана координаторка на Обединетите нации во Република Северна Македонија.

На состанокот е најавено дека продолжува поддршката од Обединетите нации на нашата држава во сите области од полза за граѓаните и државата.

Разговарано е за иницијативата на ОН, Фонд за мир, посветен на Западен Балкан, при што е изразена согласност дека Република Северна Македонија е пример за стабилност и дијалог.

Се обрна внимание на реформите кон коишто е посветена држава во делот на менаџирањето со кризи и придонесот што може да го дадат ОН преку техничка поддршка и пренесување искуства во насока на што поголема ефикасност на системот за управување со кризи.

Најавена е поддршка од ОН и во областа на здравството, како и во областа на животната средина и културата. Констатирано е дека Владата, на национално ниво покажува определеност кон активностите за заштита на Охридскиот регион, а премиерот Заев истакна дека наодите во нацрт извештајот на Реактивната мисија на УНЕСКО, за состојбата со природното и културното наследство во Охридскиот регион се еден од владините приоритети.

На средбата, премиерот Заев нагласи дека продолжува – и со поголема посветеност, имплементацијата на документот: „Рамка за соработка на одржлив развој на Обединетите нации“ за периодот 2021-2025 година, што е стратешка програмска рамка за активностите на ОН во нашата држава, кон постигнување на Целите за одржлив развој и Агендата 2030 на ОН.

„Ги поддржуваме милениумските развојни цели и определени сме кон мир, заштита на човековите права, уште поголемо зајакнување на ефикасноста и одговорноста на институциите“, рече премиерот Заев, кој се заблагодари на генералниот секретар на ОН и на Организацијата на обединетите нации за поддршката на нашата земја, којашто стана членка на НАТО и очекува напредок во евроинтеграциите.