Прес-конференција на министерката Шахпаска и директорот на АВРСМ, Демири: Оперативниот план за 2020 година постигна одлични резултати со високи 94,5% реализација и опфатени 10.953 невработени лица

Министерката  за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска заедно со директорот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, Абдуш Демири денеска одржаа прес-конференција на која ја  презентираа реализацијата на Оперативниот план за активни мерки и програми за вработување за 2020 година.
 
„И покрај тоа што Оперативниот план за 2020 година беше подготвуван без никакви претпоставки и предвидувања за светска пандемија, сепак неговата реализација изнесува високи 94,5%, односно опфатени беа 10.953 невработени лица. Реализирани се 1 милијарда и 270 милиони денари, од кои 650 милиони денари за поддршка за креирање на нови работни места“, истакна министерката Шахпаска.
 
Таа ја посочи мерката за самовработување како една од најдобрите и најуспешните, со висока реализација од 98,5%. Притоа, напомена дека преку мерките доделување на грантови во износ од 5.000 до 10.000 евра, Субвенционирање на плати и Вработување и раст на правни субјекти се вработиле околу 4.000 лица.
 
„Еден од приоритетите на МТСП е поддршката за вработување на лица со попреченост. Преку активните мерки и програми на оперативниот план, овозможивме 189 лица со попреченост да потпишат договори за вработување, а со тоа се искористија 99,4% од средствата за таа намена“, подвлече министерката Шахпаска.
 
Директорот на Агенцијата за вработување на РСМ, Абдуш Демири, посочи дека невработените лица голем интерес покажале  за учество во програмите и мерките за вработување кои имаа за цел стекнување и дополнување на нивните знаења и вештини заради зголемување на нивната вработливост и конкурентност на пазарот на трудот.
 
„Тука би ги издвоиле Обуките за побарувани занимања на пазарот на трудот во кои земаа учество 421 невработено лице за стекнување на  вештини за работа како автомеханичари, бравари, заварувачи, слаткари, пекари, негуватели на стари лица, лични асистенти итн.“, истакна Демири.
 
Министерката Шахпаска информираше дека согласно реформите во системот за социјална заштита, во Оперативниот план за 2020 година, за прв пат е воведена и  категоријата на корисници на гарантирана минимална помош, кои имаа можност за вклучување во секоја од мерките за вработување, преку процес на активација.
 
„Република Северна Македонија е првата земја која не е членка на Европската Унија, а започна со имплементација на проектот Гаранција за млади. Во фокусот на овој проект се млади, невработени лица до 29 години и мерката  даде одлични резултати и покрај специфичните услови што ги наметна пандемијата КОВИД-19. Од вклучени 25.482 млади лица, 7.197 се вработиле, а 1.249 лица преку вклучување во активни мерки ја зголемиле својата вработливост“, истакна Шахпаска.
 
Директорот на АВРСМ, Демири посочи дека целосна искористеност се бележи и на програмите за поголема социјална вклученост на потешко вработливите лица на пазарот на трудот, односно програмата Општинско корисна работа и програмата Јавни работи.
 
„Преку овие програми потешко вработливите лица стекнуваат вештини преку задоволување на потребите од социјални услуги на локално ниво, проекти од инфраструктурата и заштита на животната средина на локално ниво. Преку двете програми работно се ангажирани 1063 невработени лица“, истакна Демири.

Министерската Шахпаска потенцираше дека користејќи ги искуствата од реализацијата на Оперативниот план во 2020 година во однос на мерките кои беа најатрактивни и за кои се покажа најголем интерес, Оперативниот план за 2021 година е проектиран во износ од над две милијарди денари, за што од Министерството за труд и социјална политика  се обезбедени  четири пати повеќе средства, во споредба со претходната година, што значи зголемување на опфатот на невработени лица, зголемување на нивните квалификации согласно потребите на пазарот на трудот.