Од 34-тата седница на Владата: Одобрена е постапката за набавка лесни оклопни возила од САД; Законот за попис и Законот за Агенцијата добиваат европско знаме во Собрание

Владата на Република Северна Македонија на денешната 34-та седница, ја разгледа и усвои Информацијата со предлог за продолжување на набавката на лесни оклопни возила на тркала за потребите на Армијата на Република Северна Македонија со склучување на амандман/анекс на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија со Владата на Соединетите Американски Држави и донесе одлука да се  продолжи со реализација на овој договор со прифаќање на Писмото на понуда и прифаќање на понудата од 21 декември 2020 година.

Владата го овласти државниот секретар на Министерството за одбрана во име на Владата на Република Северна Македонија, по информирањето на Комисијата за одбрана и безбедност во Собранието на Република Северна Македонија, да го потпише амандманот/анексот MK-B-UCC (A1) од 21 декември 2020 година на договорот за набавка на лесни оклопни возила на тркала за потребите на Армијата на Република Северна Македонија со Владата на Соединетите Американски Држави со што ќе се смета дека меѓувладиниот договор за амандман/анекс на Договорот за набавка на ЛОВ е доделен и склучен.

Со оваа одлука Министерството за одбрана е задолжено веднаш по потпишувањето на амандманот/анексот на договорот, да изврши уплата на договорените финансиски средства од Буџетот на Министерството за одбрана за 2020 година во висина од 762.000.000 денари до Владата на Соединетите Американски Држави.

Заклучоците за потребата од склучување на анекс на договор со Владата на Соединетите Американски Држави за набавка на лесни оклопни возила за потребите на Армијата на Република Северна Македонија ќе бидат доставени како Информација за известување до Комисијата за одбрана и безбедност во Собранието на Република Северна Македонија.

На денешната седница Владата, заради посебен јавен интерес, донесе одлука Предлог - законот за Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија за 2021 година, и Предлогот на закон за Агенцијата за разузнавање во Собранието да бидат усвоени со постапка предвидена за закони со европско знаме.