Средба на премиерот Заев со претседателот на Парламентот на Турција, Шентоп: Силна поддршка од Турција за развојот и интеграциите на нашата држава

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за економија, Крешник Бектеши и од замениците министри за политички систем и за труд и социјална политика, Илхан Раман и Енвер Хусеин, се сретна со Мустафа Шентоп, претседател на Големото национално собрание на Република Турција и со парламентарна делегација од Турција.

На состанокот е констатирано дека пријателските билатерални односи помеѓу двете држави се унапредуваат, што го покажува активната економска соработка, како и трговските односи коишто се одржуваат без видливи загуби и во време на пандемијата. Исти така, нагласено е дека посетата на парламентарната делегација од Турција, со цел присуство на одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик во нашата држава, во услови на специфичната здравствена состојба во светот, е потврда на културните врски и меѓусебното, како што беше констатирано, идентитетско признавање, помеѓу народите на двете земји.

На средбата е пренесено дека Република Турција продолжува да ги поддржува евроатлантските интеграции на Република Северна Македонија, како и развојот и напредокот на државата. Во таа насока изразени се честитки за новиот мандат на премиерот Заев и формирањето Влада посветена на решавање прашања од државно и граѓанско значење.

Премиерот Заев се заблагодари за големата поддршка што ја дава Турција на нашата држава од осамостојувањето на државава до денес, посочи дека Република Турција е меѓу најголемите инвеститори во нашата држава и изрази посебна благодарност за помошта во областа на здравството во време на пандемијата, како и за поддршката на Армијата, во рамки на НАТО партнерството.

„Успешно градиме едно општество за сите во нашата држава. Го честитаме Денот на наставата на турски јазик во земјава и го одбележуваме со достојна почит, бидејќи сме определени кон соживот и еднакви услови за живот за сите граѓани. Фокусирани сме кон пријателства и со нашите соседи и со нашите меѓународни партнери, со што го потврдуваме нашиот европски начин на однесување и функционирање“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, додаде дека во државните институции има претставници на турската етничка заедница на значајни раководни позиции, што ја одразува определеноста на Владата кон еднакви шанси за сите.

На состанокот беше разговарано за можностите за интензивирање на економската и културната соработка и беше изразена поддршка на зајакнување на меѓусебната парламентарна соработка.