Премиерот Заев за лажните вести и дезинформации: Заедно со медиумските здруженија похрабро да работиме против ширењето лажни вести и дезинформации кои предизвикуваат штети на поединци и стратешките државни интереси

Одговарајќи на прашањето за следните чекори кои ќе ги направи Владата во борбата со лажните вести, говорот на омразата, дезинформациските кампањи и други облици на хибридните закани против демократијата во нашето општество, премиерот Заев на денешната прес-конференција, на која се разговараше за работата на Владата во првите 100 дена, подвлече:

„Сакаме да работиме заедно со вас, медиумските работници и граѓанското општество  во однос на оваа проблематика, посебно во однос на лажните вести, во медиумите. Едно прашање е, безбедноста и сигурноста во државата во одбранбениот безбедносен систем. Согласно НАТО стандардите и протоколите веќе завршен меморандумот за сајбер безбедноста и верувам многу брзо ќе ги имплементираме и останатите стандарди кои сите земји членки на НАТО се должни да ги поседуваат за обезбедување на сигурноста на алијансата и на секоја земја одделно“, рече премиерот Заев.

Тој апелираше на похрабри чекори од Здружението на новинари и другите медиумски организации во утврдување на одговорноста за ширењето на лажни вести до јавноста, кои може да предизвикаат непоправливи последици.

„Се работи за медиуми без импресум, медиуми коишто се многу присутни во медиумскиот простор и кои дефинитивно уништуваат чест и достоинство на поединци, уништуваат институции, стратегии на државата, шират омраза, која има рефлексија и создава одредени пречки на нашите национални стратешки цели“, рече Заев повикувајќи ги медиумите и нивните здруженија заеднички да работат на ова поле и да воспостават европски модели кои најдобро се имплементираат во овој регион, бидејќи претставуваат закана за општеството, демократијата и државните стратешки определби.