Остварувањата во првите 100 дена од работата на Владата потврдуваат целосна посветеност на грижата за граѓаните и на одговорноста и континуитетот во исполнување на стратешките приоритети на нашата земја

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, заедно со првиот заменик-претседател и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, и со зaмeник-претседателот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, и со заменик-претседателот за европски прашања Никола Димитров, денеска одржаа прес-конференција на која ги презентираа остварувањата од работењето на Владата во првите 100 дена.

Премиерот Заев  во своето обраќање истакна дека 100 дена после изборот на Владата гордо изговараме дека Владата беше тука со и за граѓаните, целосно посветени на грижа, на одговорност, на сигурност, во исполнување на стратешките приоритети на нашата земја: Успешно и ефикасно справување со светската пандемија со КОВИД-19; Нова енергија и решителност во создавање подинамичен економски раст и одржлив развој; Ефикасна правна држава и силни институции, модерно образование и внатрешна кохезија; Активно членство во НАТО и силна волја за успешен почеток и завршница на преговорите по поглавја за членство во Европската унија.

Заев нагласи дека со успешно спроведените избори и со ангажманот на новата Владата е комплетиран системот на ефикасни и силни институции со полн капацитет и легитимитет кои ефикасно работат во надминување КОВИД-19 кризата и за заштита на здравјето на сите на наши граѓани.

„Министерството за здравство аплицираше за набавка на вакцини за Ковид-19 преку КОВАКС механизмот кој обезбедува глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефективни вакцини, потврдени и регулирани од Светската здравствена организација“, рече премиерот Заев

Паралелно со спроведувањето на здравствената стратегија се работеше и се подготви четвртиот пакет економски мерки со цел одржливост на  економијата, спас на работните места и грижа за никој да не биде изоставен.

„Во инклузивен процес, со консултација на сите засегнати страни донесен е четвртиот пакет антикризни мерки во износ од 460 милиони евра за поддршка за исплата на плати за последниот квартал од годината. Заедно со дополнувањето на овој пакет со нови 8 милиони евра ќе бидат поддржани близу 90.000 работни места на нашите сограѓани, на месечно ниво, односно над 250.000 плати за последниот квартал. На 283.000 граѓани деновиве им се испорачуваат домашни платежни картички во вредност од по 6.000 денари во вкупна вредност од 27,6 милиони евра - за пензионерите, самохраните родители и другите ранливи категории граѓани, нови 100 милиони евра поволни кредити од Развојната банка на Северна Македонија, како и грантови за широк спектар дејности. Се потпишаа нови договори со 39 компании и 10 анекси на договори со вкупен инвестициски циклус од 56 милиони евра“ информираше претседателот на Владата Заев.

Во своето обраќање тој го стави акцентот на енергетиката и енергетската ефикасност, заедно со дигитализацијата и сите други високи современи технологии како приоритети на идниот развој.

„Реализираме големи проекти за постепено преминуваме кон извори на чиста енергија преку примената на еколошките извори на енергија - водата, сонцето и ветерот, со цел етапно исфрлање од употреба на јагленот како извор на енергија со одлука и за формирање тимови за преговори за терминалот на течен природен гас во Александропулос, Грција. Интерконекторот за природен гас меѓу двете земји, ќе обезбеди трајно и сигурно снабдување со гас за македонската гасоводна мрежа чија градба е во напредна фаза“. Рече Заев и додаде дека како резултат на стимулирање на политиките за чиста енергија, во овие 100 дена поставени се нови 62,5 мегавати фотоволтаици, коишто се во фаза на изградба, по пат на јавно-приватно партнерство, а успешно е завршена постапка за инсталација на 100 мегаватна фотонапонска електрана во Осломеј“, истакна премиерот Заев.

Тој потсети и на договорот со ТАВ и за завршената постапка за пренамена на 35 милиони евра за 99 проекти за 75 општини за изградба и реконструкција на локална патна инфраструктура, за водоснабдителна мрежа, за канализациони мрежи, за реконструкција и изградба на градинки и училишта и спортски објекти, за реконструкција и изградба на здравствени установи, и за други проекти, и посебно ги потенцираше политиките и мерките за бескомпромисна борба за заштита на животната средина, како што се финансирањето со 70 милиони евра еколошки на чистиот и брз автобуски систем во Скопје.

Премиерот Заев потенцираше дека во првите 100 дена Владата активираше интензивен процес на градење на уште поодговорни и уште поотворени институции, силно посветени на интересите на граѓаните и на спроведувањето на важните политики во образованието и науката, во социјалната и во сферата на културата.

Во временската рамка на првите 100 дена на оваа Влада, рече премиерот Заев, стигна и позитивниот извештај на Европската комисија за Северна Македонија во кој се истакнува дека оваа извршна власт ја започна трансформацијата на земјата по европски терк и овозможува еднаков пристап до правдата, еднакви можности за сите и еднаквост пред законот.

„Правдата станува еднакво достапна за сите. Тргната е пречката за предметите подигнати и водени од СЈО ќе влезат во процес на правна разрешница, низ независни, ефикасни, транспарентни и законски судски рочишта. Со максимална почит за независноста на правосудството, Владата преку Министерството за правда го помага усвојувањето на методологијата по која ќе се изврши филтрацијата на судството и обвинителство“, рече Заев.

Премиерот се осврна и на придобивките од членството на земјата во НАТО.

„Од оваа година Северна Македонија има уште едно одличје во сопственото брендирање олицетворено во мотото „Ние сме НАТО. Заедно сме посилни“. Како Македонци и со нашиот македонски јазик ќе бидеме и членка на ЕУ. Завршена е процедурата за усогласување на Меморандум за соработка со НАТО на полето на сајбер одбраната и документот е подготвен за потпишување, што ќе овозможи координирана реакција на сојузниците во случај на сајбер напад“ нагласи премиерот и информираше за одлуката за воспоставување на Центар за поддршка на локални компании чија примарна задача ќе биде поддршка на компаниите и олеснување на нивниот пристап на НАТО пазарот.

Во однос на регионалната соработка Заев го издвои успешното организирање лидерскиот самит на Западен Балкан во Софија во рамките на Берлинскиот процес, заедно со Република Бугарија, на кој се  потпишаа Декларацијата за заедничкиот регионален пазар за подлабоката регионална економска интеграција за чекор поблиску до единствениот пазар на ЕУ и Декларацијата за зелената агенда поддржани со средствата од Економскиот и инвестициски План за Западен Балкан во висина од 9 милијарди евра за економска конвергенција со Европската Унија.

Заев истакна дека Владата на Северна Македонија нема да дозволи неуспехот на ЕУ со неодобрување на преговарачката рамка, да предизвика застој на внатрешните реформи. Напротив, ќе го засилиме темпото и ќе ја зголемиме предноста што ја имаме во регионот.

„Со уште повеќе верба, посветеност и единство, ќе се посветиме на градењето и примената на европски стандарди дома, а паралелно и целосно посветени на продолжување на разговорите со соседна Бугарија. Ние знаеме дека решенија се можни. Знаат и тие. Ќе ја придвижиме земјата и кон ЕУ! Ќе продолжиме со реформите со силен интензитет. Наша обврска е да ги спроведеме европските стандарди дома! За нас нема друг пат, нема друга алтернатива и нема откажување! Продолжуваме како и во првите 100 дена. Заедно со граѓаните! Со грижа и со одговорност, обезбедуваме сигурност“, нагласи премиерот Заев во своето експозе по повод првите 100 дена од работата на Владата.

Првиот заменик-претседател и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби во своето обраќање ја издвои целосната поддршка до македонската заедница во заедничките напори да започнат преговорите за членство во Европската Унија и потенцираше дека во ниту еден момент со нашиот сосед не се разговара за јазично-идентитетски прашања.

„Моја задача е да се залагам за коалициска кохезија и координација на политичките ресори во владината коалиција, и гордо можам да констатирам дека кохезијата меѓу владините партнери ја чувствуваат и граѓаните и меѓународната заедница уште од првиот работен ден на оваа Влада. Нашите приоритети се добро познати на јавноста, односно откако станавме членка на НАТО, го заокруживме нормативниот дел од Охридскиот договор и ги спроведовме итните системски реформи, како што се економската преродба и развој, владеењето на правото и кристално чисто заслуженото членство во Европската Унија заедно со сите придружни елементи за подобар животен стандард за сите граѓани“, рече првиот вицепремиер Груби.

Вицепремиерот Груби потсети дека во првите 100 дена Владата ја изрази цврстата определба да се почитува законитоста и владеењето на правото преку рушење на дивоградбата во Чаир.

„Исто така сакам да истакнам дека Владата го усвои Предлог-законот за распределба на административните службеници вработени преку програмата К5. Предлог законот денес е во Собраниска процедура, односно на усвојување, а за ефектите дополнително ќе ја информираме јавноста. Сакам да го нагласам и процесот за признавање на дипломите на административните службеници кој стана реалност, со што ги мотивираме да се надградат и унапредат но, и да придонесат во развојот и работата на органите на државната управа“, нагласи првиот заменик-претседател и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби во своето обраќање.

Тој додаде дека во првите 100 дена се отворени границите со нашите соседи, договорена е заедничка владина седница со владата на Косово, ќе следи и со Грција и другите соседи, беше организирана првата официјална посета на премиер на Косово, се потпиша 5Г меморандумот со САД, и во завршницата на своето обраќање нагласи дека во оваа Влада ВИП седиштата се резервирани за граѓаните и дека заедно со нив е во тек изградба на ново општество на еднакви граѓани и во права и во обврски.

Во своето обраќање заменик-претседателот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски се задржа на владината определба зацртана во нејзината програма институциите да покажат ред, работа и дисциплина и дека за таа цел во изминатите три месеци, е воспоставена пракса на интензивна координација и меѓу-институционална комуникација на дневно ниво со Министерство за правда, Министерство за внатрешни работи, Финансова полиција, Инспекциски Совет, Агенција за управување со одземен имот, Управа за финансиско разузнавање, ОТА, Државна комисија за спречување на корупција и многу други институции кои се вклучени во борбата против корупцијата.

„Детектиравме низа проблеми кои се провлекувале со години и влијаеле врз забавување на процесите. Со поддршка од УСАИД, веќе започнавме проект за подобрување на Платформата за институционална интероперабилност, многу важен проект. На овој начин ќе ја подобриме поврзаноста на институциите и ќе придонесеме за силно забрзување на процесот на постапување и решавање на предметите, моментална голема болка за граѓаните“, нагласи Николовски.

Николовски потцрта дека контролата е клучна, посебно во вонредни услови какви што не затекнаа оваа година и за таа цел, за зголемување на ефикасноста на контролниот механизам, е воспоставена редовна координација со Инспекцискиот совет, а се донесоа и законски измени со кои се зголемија надлежностите на сите инспекциски служби.

„Уште во првите три месеци, ги исполнивме дел од препораките на антикорупциското тело на Советот на Европа, ГРЕКО - се назначи лице за интегритет и судир на интереси и се одржа обука за почитување на Етичкиот кодекс на сите членови на Владата. Се формираше работна група за ревидирање на дискреционите овластувања на функционерите, исклучително важен чекор напред во нашата мисија што ќе доведе до голем пакет измени со кои ќе се укинат и скратат дискреционите права секаде каде се непотребни. Веќе се работи и на подзаконски акти со коишто ќе се ограничат трошоците за репрезентација и ќе се воведат еднакви правила за употреба на службени картички од страна на  функционерите“, нагласи заменик-претседателот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски на прес конференцијата по повод 100 дена Влада, и потенцираше дека нема да се дозволи толеранција и замижување пред работата на функционери за кои постојат причини да бидат разрешени, функционери кои се богатат на сметка на граѓаните, кои ја злоупотребуваат довербата што им е дадена.

Заменик-претседателот за европски прашања Никола Димитров во своето експозе потцрта дека во првите 100 дена, меѓу другото, Секретаријатот за европски прашања после една цела декада се навраќа на систематска подготовка на националната верзија на европското законодавство и дека започна преведувањето на европското acquis на македонски јазик.

„Ова е една од обврските на пристапниот процес, по чие заокружување македонскиот јазик ќе ужива статус на еднаков и официјален јазик на Унијата. Ве уверувам дека спроведувањето на реформската агенда нема да застане без разлика на пречките или предизвиците. Реформите во правосудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформата на јавната администрација и секторските политики продолжуваат. Донесени се стратегии, испратени на коментари до ЕК закони кои транспонираат европски акти, се зајакнуваат административните капацитети за транспозиција и имплементација на акито“, истакна заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања Димитров.

Тоа се промените што ќе бидат видливи преку конкретни проекти од повеќе области кои ќе ја поттикнат европеизацијата на нашата Македонија како процес што без разлика на сите околности се движи само во една насока – напред кон членство во ЕУ.

„Има предизвици, има понекогаш побавно темпо од тоа какво ние би сакале, но нема алтернатива и нема друг правец. Само напред. Ќе си ја донесеме Европа дома“, рече заменик-претседателот за европски прашања Никола Димитров во своето обраќање на прес-конференцијата по повод првите 100 дена од работењето на Владата.