Стефоска: Буџетот за културата во 2021 година е реален, прилагоден на околностите и проектиран според ковид условите

Министерката за култура, Ирена Стефоска денеска на прес-конференција на Владата го презентираше Предлог-буџетот за 2021 година на Министерството за култура. Стефоска се осврна на приоритетите, проектите и политиките на Министерството за култура за 2021 година и истакна дека покрај сите предизвици - заштитата на културното наследство, поддршката на идеите и креативноста кај младите и ЕУ-интеграциите остануваат врвни приоритети кои се проектирани и за следната година.

Предлог-Буџетот за 2021 година за културата изнесува 3.276.430.000 денари, а средствата наменети за финансирање на проекти од национален интерес во културата во 2021 година изнесуваат 970.100.000 денари. Предлог-буџетот за култура во однос на целиот Буџет на Република Северна Македонија е 1,23 проценти, а во однос на Буџетот за 2020 година е намален за 10.000.000 денари.

Стефоска на прес-конференцијата информираше дека изминативе неполни 3 месеци се решавале голем број предизвици,  свесни дека се наоѓаме пред година која нема да биде помалку лесна од претходната.

„Затоа работиме посветено за да креираме култура која ќе биде во релација со реалноста. А реалноста е дека - Буџетот за 2020-та длабоко стапнал на „чергата“ за 2021-ва. Околу една третина од обврските за оваа година се пренесуваат за следната, од 2 причини: првата е, во мај годинава Буџетот е скратен 30 % и втората, затоа што во јуни и јули се склучувале анекс на договори за зголемување на сумите во одредени дејности како и прифаќање на проекти по жалба кои претходно биле одбиени“, истакна Стефоска. Министерката за култура појасни дека откако ја презела функцијата министерка за култура, побарала отчет за секој потрошен денар и за секој долг на Министерството кој се прелевал од година во година.

„Веднаш го екипиравме одделението за внатрешна контрола во секторот финансии, ја активиравме внатрешната ревизија чиј извештај за една од дејностите е поразителен и оди на понатамошна постапка во соодветните институции. Заради тоа исплатите се забавени. За да не ја доведеме Културата во иста „стапица“, посветено работевме и на препораките на Државниот завод за ревизија од 2017-та, во врска со начинот на распределба на средствата од годишните конкурси. Наша цел е кај сите корисници, независно од исходот, да преовладее чувството дека процесот бил спроведен во фер постапка“, појасни Стефоска.

Таа истакна дека буџетот за 2021-ва е реален, прилагоден на околностите и е проектиран во согласност со здравствената и економската криза предизвикана од корона вирусот.

„Успеавме, и покрај тешката економска ситуација, да имаме приближно ист буџет како минатата година. Скратени се средствата за културата, но тие се скратени во сите министерства, бидејќи во овој момент се соочуваме со здравствен предизвик чие побрзо надминување е во интерес на сите граѓани. Ние сега мора да преживееме за потоа да можеме да живееме. Во изминатиов период од корона кризата, ресорот култура извлече повеќе искуства, кои уверена сум ќе ни помогнат и до година успешно да се справуваме со реалноста и да креираме содржини, кои според протоколите ќе ни овозможат континуитет“, рече министерката за култура. Стефоска појасни дека во предлог-Буџетот за 2021 година се предвидени повеќе средства за: исплата на платите на вработените во установите од областа на културата согласно потпишаниот Колективен договор за култура, предвидени се средства за нивелирање на платите на директорите на националните и локалните установи, а зголемување има кај ставката Блок-дотации, каде се предвидени повеќе средства за исплата на бруто платите на вработените во локалните установи кои се нивелирани заради примената на новиот Колективен договор за култура, како и за платите на директорите на локалните установи. Предвидени се и средства во висина од пет милиони денари за поправки и тековно одржување на објектите на националните установи, од кои голем дел се изградени  пред 30 години.

Стефоска информираше дека Предлог-Буџетот за 2021 година со кој се предвидени средства за работа на Министерството за култура и за Управата за заштита на културното наследство изнесува 240.283.000 денари, а од овие средства, 2 милиона денари се предвидени за набавка на софтвер и хардвер за современо функционирање на Министерството за култура и за набавка на соодветна информатичка опрема.

На прес-конференцијата беше споделено дека во рамки на буџетот за култура од следната година се отвора нова програма - „Културно наследство во опасност“ за која ќе бидат издвоени 12 милиони денари.

„Во поглед на остварувањето на приоритетите во заштитата, Курбиново е на врвот. Како приоритет се наметнува и заштитата на црквата во Матејче, проблем кој е актуелен веќе дваесет години. Тука е и конзервацијата на Лешочкиот манастир. Лично отидов во Градскиот конзерваторски центар за да видам до каде е проектот за конзервација Аквадуктот. Имам добра вест – идејниот проект за конзервација на Аквадуктот е завршен, а основниот проект ќе биде готов за две недели“, рече Стефоска и додаде дека започнува и санацијата на куќата на Лазар Личеноски, како и санациите на неколку спомен-куќи низ државава, како и на Центарот за култура во некогашната куќа на Нијази Бег.

Што се однесува до средствата за капитални проекти, министерката за култура информираше дека за оваа намена се обезбедени 217.000.000 денари. Посочи дека планирани се средства за продолжување на изградбата на Турскиот театар во Скопје, за реализација на втората фаза на Театарот и библиотека во Тетово, а со средствата во 2021 година, би требало да се заврши  Театарот во Струмица.

„Во буџетот се обезбедени средства (6 милиони денари) за набавка на опрема за националните установи, а сметам дека од голема важност се и обезбедените 57 милиони денари насочени за санација. Така во 2021 година, се планирани реконструкциите на Театарот Куманово и Центрите за култура во Кочани и во Гостивар“, истакна министерката за култура.

Осврнувајќи се на културата и ЕУ интеграциите, Стефоска кажа дека предвидени се двојно повеќе средства за културата и евроинтеграциите. Таа информираше дека финансиските средства обезбедуваат проекти поврзани со административна реорганизација на културните институции во согласност со принципите за јавна администрација на ЕУ; потоа, средства за ко-финансирање на сите одобрени проекти на македонските корисници од страна на Европската Комисија, а кои се однесуваат на програмата Креативна Европа, како и воспоставување на европската агенда за западен Балкан во областа на културата.

“Изразувам искрено уверување дека ова ќе придонесе кон поефикасно интегрирање  и вмрежување на уметниците и културните работници од нашата земја со земјите од Европската Унија“, рече Стефоска. На прес-конференцијата беа споделени и заложбите на Министерството за култура за стимулирање на младите во сите сегменти.

„И во оваа прилика сакам да повторам дека поддржувајќи ги младите, Министерството не дискриминира по ниту еден основ, вклучително и по основ на возраст. Напротив. Ги охрабруваме сите, заедно, креативно, иновативно и со високо чувство на солидарност да го споделиме она што го имаме. Солидарноста им прилега на културните работници и на уметниците. Ковид не е изговор, Ковид е состојба која кај нас, покрај сето зло, остави и без работа 14 000 млади . А сега е нивното време. Младите најлесно ги прескокнуваат бариерите и не носат на нови хоризонти“, истакна министерката за култура Стефоска.

На новинарското прашање, како министерката Стефоска го коментира вчерашното интервју на премиерот Заев, таа одговори:

„Би сакала да ги употребам зборовите  од синоќешниот говор на новоизбраниот претседател на САД , Бајден : „ да ги сакаш своите соседи, како што се сакаш себе си,  е радикален чин“ .

„Но, овој просец не е лесен. Историјата не подучува дека сите ние мораме да се соочуваме со своето минато. Како што, на пример,  пред 50 години германскиот канцелар Вили Брант при посетата на Полска, клекна пред Споменикот на хероите во Варшавското гето. На тој начин, побара прошка и се извини за злосторствата на нацистите во Втората светска војна и  така  го отвори  патот на процесот на простување.  За жал, кај нас на Балканот, овие процеси се движат многу бавно, а и ние како земја никогаш не сме постигнале ништо лесно“.

Истовремено, кога ќе се сетам низ што се помина минативе години премиерот и сите ние заедно, не можам како човек тоа да го фрлам во вода. Како историчарка, се разбира, имам и свои видувања на темата и отворена сум за тематска прес-конференција ако сакате. Јас сум професионален историчар и во моментов сум и министерка за култура.

„Убедена сум дека премиерот сака да ја истурка, буквално, земјата да оди напред, но и покрај сите негови напори, тој не може да и помогне на нашата сосетка Бугарија, бидејќи бугарското општество мора, како и секое друго, самото да се справува со темните страни од своето минато. Има многу примери како тоа се случувало, како се работи на справување со минатото. Од друга страна, во секоја национална историја има разни страни – бели, темни, светли, и секој си е одговорен за соочување и справување со сопственото минато. Но, тоа не може да биде пречка, услов за нашите евроинтеграции да биде историјата или идентитетски прашања. Бидејќи, ако тоа е така, а не смее да биде така, немаше да постои Европската Унија. Билатерални спорови од секаква природа имало меѓу земјите – членки на ЕУ.  Така што, убедена сум дека сите заедно со поддршка и на нашите пријатели од Брисел, процесот на нашето интегрирање ќе продолжи“ рече министерката за култура, Ирена Стефоска.

Презентација на Министерство за култура за Буџет 2021