Битиќи за буџетот за 2021 година – Економијата е врвен приоритет на Владата, над 70 милијарди денари за економски активности

Почитувани граѓани на Република Северна Македонија,

Почитувани претставници на медиумите,

Почитувани директори,

Како одговорна, отворена и отчетна Влада го презентираме Предлог буџетот за 2021 година, секој од министрите во свој ресор и надлежност. 

Свесни во каква состојба се наоѓа нашето општество и домашната економијата и токму затоа, овој буџет е конципиран да даде одговор на предизвиците со кои се соочуваат економијата и граѓаните, а кои се последица на социо-економската криза од Ковид 19, но истовремено да овозможи развој и да влијае на постепена консолидација и стабилизација на економските текови.

Дозволете ми да се осврнам на основните информации за буџетот за 2021 година. Буџетот е проектиран на 247,5 милијарди денари или околу 4 милијарди евра. Тоа се 2,1 процентни поени помалку од буџетот за 2020 година. Воедно очекуваме значително зголемување на приходите, за околу 8,3%, кои се очекува да бидат 212,6 милијарди денари или 3,45 милијарди евра, со што буџетскиот дефицит, од 8,5%, колку што ќе биде во 2020 година, ќе падне на 4,9% од БДП. Кога споменав дека овој буџет ќе влијае на понатамошна консолидација, тоа значи дека имаме план, во наредните 5 години, односно во 2025 година, буџетскиот дефицит да го спуштиме до 2,5% од БДП.

Буџетот за 2021 година има три главни цели:

1. да обезбеди поддршка и понатамошно унапредување на здравствениот сектор, што останува врвен приоритет, пред се за заштита на здравјето и на животот на сите наши граѓани;

2. Да го поддржи економското заздравување, односно да се помогнат сите оние микро, мали, средни и големи компании, кои како последица на пандемијата ќе имаат потреба од подадена рака за да се исправат, но и да се стимулираат компаниите кои работат со успех, понатаму да се развиваат, прошируваат, зголемуваат производство и извоз и на тој начин да го забрзаме економскиот раст и

3. Да ги одржиме и унапредиме основните функции на државатта и да овозможиме ефикасно спроведување на потребните реформи за евро-атлантските интеграции, со особен фокус на реформите во правосудството.

Доколку се се одвива по зацртаните проекции, очекуваме со овој буџет да обезбедиме раст на бруто домашниот производ од 4,1%, да се стимулира извозот, кој очекуваме да порасне за 14,4%, воедно да пораснат и бруто инвестициите за 8,4%. Како една од поважните компоненти во формирањето на БДП е приватната потрошувачка за која имаме проекција за раст од 3,8%, а раздвижувањето на економската активност сметаме дека ќе доведе и до зголемување на бројот на вработени за околу 2%.

Буџетот за 2021, е дел од нашата Стратегија за економско заздравување и забрзан раст во период од 2021-2025 година, тоа е план кој во иницијалната фаза ќе обезбеди економско заздравување од последиците од пандемијата со Ковид 19, а паралелно, во следните години и позасилено да поттикне забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, како и развој на човечките ресурси и еднакви можности за граѓаните. Со овој буџет и со наредните, очекуваме да се вратиме на преткризното ниво на БДП веќе во втората половина на 2022 година, а веќе во 2025 година, нашата економија да расте со стапка од 5,9%. Недвосмислено, потребни се повисоки стапки на раст, кои ќе значат и поголем обем на производство, создавање на производи со повисока додадена вредност, иновативни решенија, а сето тоа ќе резултира и со повисок животен стандард на граѓаните.

Како што Премиерот Заев и Министерот за финансии веќе на првичната презентација на предлог буџетот соопштија, за економски активности во 2021 година се планирани 70,2 милијарди денари, или 1,14 милијарди евра, што кога ќе се земат предвид другите групи на расходи, ќе биде втор најголем износ по социјалните трансфери. Тоа значи дека многу надеж полагаме во економијата и дека вистински ќе ја поддржиме. 

Ќе продолжиме со реализација на капитални проекти во патната, железничката, комуналната и енергетската инфраструктура, ќе градиме, рехабилитираме и опремуваме објекти во здравството, образованието, културата, спортот, ќе продолжиме со поддршка на развојот на земјоделството и на руралниот развој, притоа да ја запазиме и рамномерната регионална распределба, а директно ќе работиме и на поддршка на сите компании.

Кога станува збор за капиталните проекти, јас ќе се задржам само на средствата кои се планирани во буџетот за нивна реализација и кои се во вредност од 23 милијарди денари (374 милиони евра) и се повисоки за 20% во однос на вториот ребаланс на буџетот за 2020 година. Новина е формирањето на Централна единица за надгледување и реализација на капиталните инвестиции, со која ќе се осигураме за високо ниво на нивна реализација. Јас, лично сметам дека капиталните инвестиции, и овие од буџетот, но и оние кои ги реализираме преку заеми, мора да одат со најбрза можна динамика, тие ќе бидат важен елемент за побрзо опоравување на економијата, но не само тоа, тие ќе ни бидат и влог за иднината, предуслов за побрз и одржлив развој.

Со буџетот за 2021 година, планирани ни се и средства во износ од 3 милијарди денари, или околу 50 милиони евра, за евентуални идни мерки за справување со Ковид кризата, со кои ќе го поддржиме стопанството и граѓаните.

Мојот денешен фокус ќе биде на програми со кои ќе се стимулираат нови инвестиции, домашни и странски, во производни капацитети, унапредување на веќе постоечки компании, поддршка на конкурентноста и внесување на иновации, отворање на нови работни места и повисоки плати за работниците.Оваа поддршка во предлог буџетот за 2021 година е поделена во повеќе програми кои заедно имаа вредност од проектирани 7,1 милијарда денари или 115,5 милиони евра. 

Дозволете ми да ги презентирам одделните програми:

Една од најголемите поединечни програми е за поттикнување на вработувањето, која оваа година ќе изнесува 1,9 милијарди денари и ќе овозможи поддршка за формирање на нови компании, преку самовработување и вработување на други невработени лица, но и обуки за невработените, за да се помогне во процесот на преквалификација и доквалификација на достапниот кадар за надминување на јазот на побарувачката и понудата на пазарот на трудот.

Во 2021 година, продолжуваме со спроведување на мерките од Планот за економски раст, односно со поддршката на компаниите преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции и Програмата за поддршка на микро, мали и средни компании на Фондот за иновации и технолошки развој. 

По Планот за економски раст, со кој во изминатите 3 години, обезбедивме поддршка на за над 200 домашни компании преку мерките од Законот за Финансиска Поддршка на Инвестиции и 550 компании преку мерките на ФИТР, во наредната година се проектирани над 2,5 милијарди денари или околу 41,1 милиони евра.

Овие средства ќе бидат наменети за инвестиции во изградба на хали и набавка на машини на домашни и странски компании во ТИРЗ зоните, но и надвор од нив, за поддршка за развој на истражувачки центри, за освојување на нови пазари, за технолошки развој и иновации, накусо да ги поттикнеме и забрзаме деловните потфати на фирмите.

Во овие неколку месеци, ќе работиме на измени и дополни на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, за да ги олесниме критериумите за аплицирање на компаниите, односно да ги адаптираме согласно ситуацијата со Ковид 19.

Од овие 41 милион евра кои ги споменав, добар дел односно, околу 11,4 милиони ќе бидат наменети за програмите на Фондот за иновации и технолошки развој, а дополнителни 2 милиони евра ќе бидат обезбедени со поддршка на Светска банка. Тоа значи дека продолжуваме со континуитетот на поддршка на микро, малите и средни компании, нешто што во минатото не беше толку често но и со поттикнување на технолошки развој, дигитализација, внесување на иновации. Само вака можеме да им помогнеме на нашите компании да ја развиваат својата конкурентност и на домашниот, а особено на странските пазари.

Би сакал да посочам дека и наредната година ќе продолжиме со инвестиции во инфраструктурата во технолошко-индустриските развојни зони, за што се планирани 496 милиони денари, или 8 милиони евра,  за да создадеме уште подобри услови за инвеститорите.

Продолжуваме и со поддршка на рамномерниот регионален развој преку соодветната програма во министерството за локална самоуправа, каде оваа година ќе издвоиме 453 милиони денари, или околу 7,5 милиони евра што е за 33% повеќе од 2020 година.

Со буџетски средства ќе финансираме и дел од инвестиции во железничка инфраструктура, гасификација, развој на хидро-системот Злетовица, развој на проекти во енергетика, како и локален и регионален туризам.

Почитувани сограѓани,

Како што споменав  на почетокот, буџетот за 2021 година е димензиониран и проектиран да одговори на реалните потреби на државата, стопанството и граѓаните. Економијата е еден од врвните приоритети. Само со инвестиции во економијата, ќе обезбедиме побрза консолидација на општеството, а потоа и побрз и одржлив раст и развој.

Овој буџет е за граѓаните, за стопанството, за сите нас.

Ви благодарам за вниманието.