Заев: Да бидеме чувари на македонскиот јазик оти македонскиот јазик сум јас, македонскиот јазик сте вие, македонскиот јазик сме сите ние

Денеска претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со министерката за образование и наука, Мила Царовска, присуствуваа на Меѓународната научна конференција „Македонскиот јазик - извор на научни истражувања (дома и надвор)" во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков".

Во обраќањето премиерот Заев ги потенцираше двата значајни јубилеа - 75 години од објавувањето на македонската азбука и на македонскиот правопис.

Најмногу емоции кај публиката имаше на зборовите: „Да бидеме чувари на македонскиот јазик оти македонскиот јазик сум јас, македонскиот јазик сте вие, македонскиот јазик сме сите ние".

Во продолжение Ви го пренесуваме интегралното обраќање на Премиерот во целост:

„Со години сум покровител на оваа конференција за македонскиот јазик и секогаш е големо задоволство да се биде тука, заедно со вас дури и во вонредните услови во пандемија.

Воедно сакам да ви оддадам признание за вашиот придонес во ширењето на македонскиот збор и македонската култура низ светот.

Годинава одбележуваме два значајни јубилеа - 75 години од објавувањето на македонската азбука и на македонскиот правопис.

Македонскиот јазик ги помина сите фази на создавање, на пробив, на препознавање, на кодификација и на признавање.

Денес нашиот македонски јазик е признаен во целиот свет. Посебноста на македонскиот јазик е впишана во личната карта на нашата држава во големото семејство на народи и на земји членки на Обединетите нации.

Македонскиот јазик, како рамноправен со сите светски јазици, се користи слободно секаде низ целиот свет.

Токму  ваквите меѓународни конференции испраќаат силна порака за негување, заштита и унапредување, афирмација и поддршка на употребата на нашиот македонски јазик. А вие сте  амбасадори на македонскиот јазик, на нашиот национален и културен идентитет.

Од овде сакам уште еднаш да испратам јасна порака, дека оваа Влада, искрено и силно е посветена да го негува и да го унапредува македонскиот јазик. Тоа е така бидејќи нашиот јазик е нашиот идентитет. Токму поради тоа, Владата го прогласи 5 Мај за Ден на македонскиот јазик.

Нашата грижа за правописот на македонскиот јазик ја покажавме со поставувањето бесплатна електронска верзија на Правописот на македонскиот јазик, кој може да се користи и симнува лесно од сите нас на адресата www.pravopis.mk.

Започнавме со иницијативата за измени и дополнувања на Законот за употреба на македонскиот јазик. Ги слушнавме забелешките и сугестиите од првата фаза, продолжуваме со консултации и дефинирање на најдобро законско решение за заштита и промоција на нашиот македонски јазик.

Во рамките на издавачката дејност продолжуваме со поддршка за изданијата на Институтот за македонски јазик и на голем број книжевни дела преку Министерството за култура кои претставуваат огромен придонес за збогатувањето и унапредувањето на македонскиот јазик.

Сите овие дела за кои говорам, се алатки кои овозможуваат јазикот да ни се користи секојдневно и правилно, и да се продолжува животот на македонскиот јазик. И тоа треба да го прави секој од нас. Затоа што јазикот сме сите ние.

Сѐ дури постои македонскиот јазик ќе постојат и Македонците, сѐ дури постојат Македонците ќе постои и македонскиот јазик. Тоа е така, затоа што тие две нешта не можат едно без друго, затоа што тие постоеле, постојат и ќе постојат во убава и нераскинлива симбиоза.

Македонски јазик - Тоа е јазикот на Блаже Конески, Гане Тодоровски, Даница Ручигај, на Анте Поповски, Славко Јаневски, Матеја Матевски, Ката Мисиркова Руменова, на Петре М. Андреевски, Видое Подгорец, Оливера Николова и на плејада други македонски литерати кои низ годините наназад оставиле илјадници книги напишани од нивното македонско перо.

Тоа е јазикот и на подоцнежните и сегашните книжевници кои ставаат печат на своето творештво, како дел од современата македонска литература. Тоа е јазикот на кој се школувале генерации и генерации успешни академици, доктори, инженери, новинари, културни работници и сите останати. Тоа е јазикот кој се изучувал на триесеттина универзитети низ целиот свет.

И конечно, тоа е и мојот јазик, јазикот на мојата мајка,  учителка во пензија, која целиот свој работен век образуваше и воспитуваше огромен број ученици. Тоа е јазикот со кој живееме, со кој се сакаме и со кој споделуваме добро и зло, се радуваме и тагуваме.

Јазикот е жива материја и наш приоритет останува поттикнувањето на развојот и афирмацијата на македонскиот јазик како постојан влог во нашиот национален и културен идентитет, во нашата иднина.

Во светлината на големината на јубилеите - 75 години македонска азбука и 75 години македонски правопис, кои со радост ги одбележуваме, си спомнувам на еден убав настан од пред четири години.

Имено, во ноември 2016 година, имав чест и задоволство да им овозможам на луѓето од Институтот за македонски јазик, токму во мојата Струмица да ја одржат Меѓународната конференција посветена на Крсте Петков Мисирков, а во рамките на Отворените денови на Институтот за македонски јазик.

Се сеќавам дека на самото отворање на дводневната Меѓународна конференција, моето поздравно обраќање како градоначалник на Општина Струмица, го завршив со зборовите: ,,Да бидеме чувари на македонскиот јазик, оти македонскиот јазик сум јас, македонскиот јазик сте вие, македонскиот јазик сме сите ние". Тоа што сум го рекол како градоначалник, го мислам и како премиер.

И во тој контекст убеден сум дека, како што ние денес ги славиме големите и значајни јубилеи на македонскиот јазик, така и идните генерации Македонци ќе ги слават сите идни и годишнини на македонскиот јазик.

И кога славиме 75 години македонска азбука, 75 години македонски правопис, заедно со сите оние кои се заслужни за сето тоа на чело со основоположникот и кодификаторот на македонскиот јазик Блаже Конески, не смееме да заборавиме и на Крсте Петков Мисирков и на сите преродбеници, кои многу одамна се бореа, македонскиот јазик да добие своја стандардизација и кодификација.

Во чест на Блаже Конески, како најзаслужен за утврдувањето на македонскиот стандарден јазик, следната година ќе биде во знакот на стогодишнината од неговото раѓање.

По тој повод, денот на кој се родил овој исклучителен културен деец, е запишан и на листата на УНЕСКО за одбележување значајни јубилеи во светот во текот на 2021 година.

Да го чуваме и унапредуваме, и достојно да го предаваме на сите генерации после нас, затоа што јазикот е нашата татковина!

Ви благодарам и Ви посакувам успешна работа!“