Проштална средба на министерот Бектеши со канадската амбасадорка Чаба: Министерството за економија останува отворено за зајакнување на плодната соработка со Канада

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на проштална средба ја прими амбасадорката на Канада со седиште во Белград, Катлин Чаба, која го завршува својот мандат.

Амбасадорката Чаба упати честитка за изборот на новата Влада, како и за повторниот избор на министерот Бектеши за министер за економија.
На средбата помеѓу министерот и амбасадорката беа разменети мислења за трговската соработка меѓу двете земји и добрите економски односи помеѓу Канада и Северна Македонија.

Министерот Бектеши се заблагодари на амбасадорката за плодната соработка во изминатите три години и изрази надеж дека и во наредниот период истата ќе се унапреди во повеќе области.

На средбата министерот ја информираше амбасадорката за политиките и мерките кои ги спроведе Владата во справување со последиците од пандемијата, пред се во делот на поддршка на економијата.

Беше истакната потребата од зголемена соработка и солидарност помеѓу државите како одговор на здравствените и социо-економски предизвици наменети од овој глобален проблем.

Министерот Бектеши ги потенцира приоритетите на Владата во наредниот период коишто се во насока на постигнување забрзан и одржлив економски раст преку зголемување на конкурентноста на македонската економија.

Се заблагодари за континуираната поддршка од страна на Канада за напорите кои ги прави нашата земја во остварувањето на европските аспирации и започнувањето на преговори за членство во ЕУ.

Двајцата соговорници се согласија дека клучен предизвик за македонската економија во моментот е справување со социо-економските последици  предизвикани од пандемијата на вирусот КОВИД 19 како и мерките за рестарт на економијата.