Вицепремиерката Царовска на состанок за полугодишниот извештај на ЛРЦП: Со проектите за локална и регионална конкурентност ја подобруваме туристичката понуда на државата

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори Мила Царовска, одржа зум состанок на Управен одбор на проектот за Локална и регионална конкурентност, на којшто присуствуваше преставникот на Европската комисија Никола Бертолини, преставници од Светска банка, како и преставници од проектната единца. 

 На состанокот, беше разгледан полугодишниот извештај за периодот ноември 2019- јуни 2020 година  за динамиката на реализацијата на проектите со кои треба да се унапреди туристичкиот сектор во државата. При тоа, вицепремиерката Царовска истакна дека проектите се реализираат според предвидената динамика и дека тие придонесуваат за поголема развиеност на локалните заедници во атрактивни туристички дестинации.Според извештајот досега се потпишани договори за вкупно 61 проект, 25 се целосно реализирани, а 36 се во тек на реализација.Меѓу позначајните проекти се: целосна реконструкција на Офицерскиот дом во Битола, реконструкција и пренамена на стар објект во мултимедијален центар во Општина Вевчани, изградба на вештачка планинарска карпа и поставување на друга урбана опрема во Крушево, изградба на адреналински парк во Карпош и уште неколку други прокети со кои се придонесува за поголем и побрз развој на езерскиот, винскиот и екотуризмот низ државата.

Проектот за Локална и регионална Конкурентност (ПЛРК) е четиригодишна операција за инвестиции, поддржана од Европската Унија користејќи фондови од ИПА 2 наменети за конкурентност и иновација во Северна Македонија. ПЛРК е управуван како хибриден фонд и се состои од четири компоненти, извршени од страна на Светска Банка и Владата. Проектот овозможува фондови за инвестиции и градење на капацитети за поддршка на развојот на секторот, инвестиции за развој во дестинации и специфични дестинации. На локално и регионално ниво, Проектот поддржува селектирани туристички дестинации во земјата преку комбинација на техничка поддршка за развој на управувањето со дестинации, инвестиции во инфраструктура и инвестиции во поврзување и иновативност. Инвестициите се реализираат со грант шема во регионален туризам, како што се локалната самоуправа, институциите, НВО и приватниот сектор.Вкупниот Буџет на проектот е 22.914.925 евра.