Вицепремиерката Царовска и градоначалникот Темелковски во посета на компании во Кисела вода – Има компании кои и во услови на корона кризата работат со успех, за 22 илјади компании кои работат со загуби обезбедивме сериозна поддршка за исплата на плати

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска, заедно со градоначалникот на општината Кисела Вода, Филип Темелковски, реализираа посета на компании кои работат во општината, кадешто разговараа со нивни претставници за Владините мерки за поддршка на стопанството во услови на корона кризата, како и за генералните Владини политики за економски раст и развој на Република Северна Македонија.

По посетата на компанијата „Техно гума“, која работи во индустриската зона во општина Кисела Вода во населба Пинтија, вицепремиерката Царовска го истакна своето задоволство што оваа фирма, дури и во услови на криза, не извршила намалување на бројот на работници и притоа го задржила истото ниво на плати. Во разговорот со претставниците на компанијата беше истакнато дека за нормалното продолжување на работниот процес од клучно значење е напорот на Владата да се обезбеди непречен транспорт на стоки во време на пандемијата и со тоа да се овозможи трговска размена со сите главни партнери на нашата држава.

„Оваа компанија извезува во Германија и дури имаат зголемен  процент на извоз во овој период, затоа што нивните производи се квалитетни. Но, исто така тие продолжуваат понатаму, инвестираат во технолошки развој и во нови градби и исто така очекуваат поддршка во тој дел. Сметам дека ние како Влада како и досега така и понатаму обезбедуваме континуирана поддршка на сите компании коишто сакаат да се развиваат и да ги пласираат своите производи надвор од нашата држава, затоа што на тој начин ја развиваме нашата економија, којашто во овој период покажа навистина дека може да се одржи во добра кондиција иако сме во една пандемија и во социо-економска криза. Сметам дека компанијата покажува дека сите компании во нашата држава можат да се справат со предизвиците, но исто така морам да кажам дека оние компании коишто не можеа или кои  се соочија со немање на ликвидност во нивните компании добија поддршка од Владата. Повеќе од 22 илјади компании се такви, за 122 000 работници обезбедивме минимална плата од 14.500 денари, за да не се затворат работните места коешто беше и приоритет во периодот на справување со ковид кризата“, потенцираше Царовска.

Градоначалникот на Кисела вода, Филип Темелковски рече дека компанијата „Техно гума“, постои повеќе од три децении и посочи дека општината и централната власт во периодот на кризата предизвикана од коронавирусот Ковид 19 имаат обврска да им помогнат на компаниите да се вратат на патеките на успехот.
„Нашата општина во соработка со Владата, ќе ги следи сите современи текови, ќе бидеме достапни до сите компании, за нивните потреби и ќе гледаме колку е можно повеќе да им излегуваме во пресрет. Еден од начините за финансирање на општините е токму преку бизнис секторот, преку нивните даноци. Само со успешни компании, општината Кисела вода мож да оди напред, да се развива правилно и брзо и да го достигне нивото на општина со европски стандарди “, нагласи градоначалникот Темелковски.