Вицепремиерката Царовска и дополнителната заменичка министерка Шкријељ во посета на првиот кафе бар каде се служи на знаковен јазик

Заменичката на Претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска, заедно со дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, денес остварија работна посета на „O2 MR Coffee Bar“, првиот бар во Скопје и Северна Македонија, каде се служи на знаковен јазик, отворен од две лица со попреченост, со поддршка од Оперативниот план за активни програми мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот. 

Вицепремиерката Царовска посочи дека овој уникатен кафе бар е отворен со здружување на две лица, Радмила Периќ и Мартин Ангелов, корисници на програмата за самовработување, која е дел од Оперативниот план на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, со неповратен грант, кој по здружувањето на средствата достигнал 10.000 евра.

„Ова укажува на кој начин финансиските средства кои се редистрибуираат преку оперативните програми и мерки за вработување, навистина влијаат на животот на сите граѓани. Овој кафе бар е навистина специфичен, ќе се прашате зошто. Постојат многу кафе барови низ Скопје и низ државата, но единствено тука сите производи се служат на знаковен јазик. Ова директно влијае на промена на нашето Скопје, на перцепцијата во нашата држава кон лицата со попреченост. Ако некој досега сакал да прикаже дека на овие лица им треба само државна помош, а да не прават притоа ништо, тука ги гледаме во улога на претриемачи. Двете лица, корисници на грант за самовработување, се лица со оштетен слух, а директно влијаат на подобрување на нашата економија, со отворање на сопствен бизнис. Сите Скопјани се добредојдени да се напијат кафе или друг освежителен пијалок во овој кафе бар, на овој начин и во периодот на Ковид, овие двајца наши сограѓани инвестираат во сопствен бизнис, преку искористување финансиска поддршка на програмите од Оперативниот план. Овој план не е само хартија, со негова реализација ние заеднички ги менуваме сите движења во нашето општество, при што директно влијаеме на намалување на стигмата и дискриминацијата кон лицата со попреченост во нашето општество“, нагласи вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска.

Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, рече дека е вистинко задоволство да се види ваква несекојдневна урбана приказна во Скопје, при што изрази надеж дека ќе имауште многу вакви успешни приказни на самовработување и започнати бизниси на лица со попреченост насекаде низ нашата држава. 

„Навистина се трудевме изминатиот период за се она што го носиме како мерка и програма да биде достапно за сите и кога велиме еднаков пристап и еднакви можности за сите тоа и го докажуваме. Не само што ги зголемуваме финансиските средства за оперативниот план за вработување и самовработување, разликата од 2016 година, кога имавме 700 милиони денари, денес во 2020 година вредноста на Оперативниот план заедно со поддршката од партнерите изнесува 1. 45 милијарди денари . Тоа е навистина голема разлика. Меѓутоа за нас е особено битно да имаме вклученост на сите и огромно е задоволството кога гледаме дека во изминатите неколку години имаме над 220 нови бизниси коишто се започнати токму од страна на лица со попреченост. Во самиот Оперативен план има низа мерки и поддршка за вработување на лица со попреченост.  Очекуваме само оваа година да имаме вработување над 300 лица со попреченост благодарение на мерките и поддршката за субвенционирање на нивно вработување. Дополнително сите лица со попреченост коишто ќе започнат свој бизнис преку програмата за самовработување и во текот на наредните 12 месеци добиваат советодавна и менторска поддршка oд искусни бизнис ментори коишто помагаат да ги развијат нивните бизниси и да се пласираат подобро на пазарот. Би сакала само да напоменам дека се со цел и инклузија и работно и професионално активирање на лицата со попреченост ние во моментот работиме за два современи центри за професионална рехабилитација, едниот во Струмица веќе започна со работа, а очекувамее  во најскоро време да започне со работа и  центарот за професионална рехабилитација во Скопје“, кажа по посетата на „O2 MR Coffee Bar“, дополнителната заменичка министерка Шкријељ.

Косопственичката на „O2 MR Coffee Bar“, Радмила Периќ, кажа дека во главниот град има многу кафулиња, сепак нивната идеја е единствена во моментот и цели кон промоција на знаковниот јазик, којшто го користат лицата со проблеми со слухот.

„Повеќе сакав да допринесам знаковниот јазик да го користат сите луѓе, тоа е возможно и покрај тоа што имаме оштетување на слухот, другите перцепции се понагласени, проблемите со видот и некои другите хендикепи кај нас се понагласени. Ги поттикнувам, доколку имаат идеја, останатите лица со попреченост, да не се двоумат да го остварат нивниот сон затоа што е возможно. Еве ние, на пример имавме идеја од искуства од странство, од други глуви лица да го достигнеме невозможното на некој начин, да отвориме кафе бар. Ги повикувам сите во иднина да повелат, да дојдат да го вкусат нашето кафе, имаме дигитално мени, може слободно да се разбереме и заедно да научиме некој нов момент“, рече корисничката на грантот за самовработување Периќ.