Објавен Јавниот повик: На компаниите кои инвестирале за време на пандемијата ќе им бидат распределени 20 милиони евра

Министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференција во Владата информираше дека е објавен Јавниот повик за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во пост КОВИД-19 периодот.

„Во изминатите три месеци владата донесе три сета на економски мерки за поддршка на компаниите и граѓаните беа погодени од кризата предизвикана од пандемијата. Со мерките дадовме поддршка за компаниите кои најсилно го почувствуваа ударот на кризата предизвикана од коронавирусот да останат ликвидни и да исплатат плати на вработените. Преку Развојната банка на Северна Македонија досега обезбедивме бескаматни кредити во вредност од 12,6 милиони евра за 1.331 микро, мали и средни компании во кои работат 16.632 вработени. Преку мерката за исплата на минимална плата од 14.500 денари досега е доделена поддршка за 19.500 компании и 5.579 вршители на дејност за април и над 20.000 компании и 5.579 вршители на дејност за месец мај, а минатата недела донесовме одлука да ја продолжиме оваа мерка и за исплата на плати за месец јуни. Во третиот сет мерки обезбедивме и поддршка за граѓаните со издавање на платежни картички и ваучери за туризам. Само вредноста на мерките од Третиот пакет изнесува 355 милиони евра и преку нив ќе бидат опфатени 730.000 корисници“, кажа Бектеши.

Според министерот, освен за најпогодените компании и граѓани, во третиот сет економски мерки предвидени се и мерки за поддршка за оние компании кои беа храбри и кои и покрај економската криза инвестираа. За овие компании е предвидена финансиска поддршка од 20 милиони евра во третиот сет мерки, за што беше објавен и Јавен повик за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во пост КОВИД-19 периодот.

„Главната цел на оваа мерка е да се помогнат компаниите кои ќе ги изгубат пазарите за повторно освојување на пазарите- зголемување на нивната конкурентност, модернизација на процесите, зголемување на продуктивноста со што ќе се одржат деловните потфати кои ќе придонесат за опоравување на економијата на земјата, преку реализација на инвестициски проект во пост-ковид периодот од јули до декември 2020 година. За оваа финансиска поддршка може да аплицираат компании кои во текот на 2020 година имаат во реализација инвестициски проект, работат во производствени сектори кои се дефинирани како производство, освен оние кои се исклучени од оваа можност согласно Законот за контрола на државна помош, деловни субјекти што вршат дејност трговија, доколку инвестираат во основни средства, вршат дејности од областа на информациско-комуникациски услуги, доколку инвестицијата опфаќа воспоставување на нова организациона единица за технолошки развој, истражување и/или развој на ново софтверско или хардверско решение“, истакна Бектеши.

Со оглед на тоа што целта на оваа мерка е да им помогнеме на компаниите кои што инвестирале во раст, развој, подобрување на конкурентноста и освојување на пазари и во време на пандемија како што информираше министерот со оваа мерка не се опфатени компаниите кои искажале негативен финансиски резултат во 2019 година, вршат дејност од областа на примарно земјоделство, шумарство и рибарство, вршат градежни дејности поврзани со изградба и продажба на станови и станбени и деловни згради за делот на градежната дејност изградба и продажба на станови, станбени и деловни згради, работат во индустриите за производство на јаглен и челик, се поддржани со други мерки и механизми за поддршка на специфични сектори, вршат дејности од јавен интерес утврдени со закон, вршат лиценцирана дејност, вршат регулирана дејност чија цена ја одредува независно регулаторно тело, се корисници на право на концесии на добра од општ интерес, кои вршат дејности поврзани со наменско производство (вооружување и воена опрема), произведуваат акцизна стока, освен акцизна стока наменета за фармацевтски, медицински и индустриско лабораториски цели и вршат дејност трговија (на мало и на големо), освен ако инвестираат во основни средства и објекти.

„Висината на финансиската поддршка ќе изнесува 25 отсто од реализираната инвестиција според инвестицискиот план што ќе го достави апликантот, но не повеќе од 40.000 евра за компании кои во 2019 година оствариле вкупен приход не повисок од еден милион евра, до 100.000 евра за компании кои имале вкупен приход од еден до 10 милиони евра, до 140.000 евра за компании кои оствариле вкупен приход од 10 до 50 милиони евра и 200.000 евра за сите компании кои оствариле вкупен приход повеќе од 50 милиони евра во 2019 година. Компанијата која ќе добие финансиска поддршка има обврска до 31 јануари 2021 година да достави извештај за текот на реализација на инвестицискиот план со докази дека се реализира во рамките на инвестицискиот план за кој е исплатена инвестициската поддршка. Финансиските средства ќе се добијат во моментот кога ќе се аплицира со финансискиот план, а ќе се чека на реализација до крајот на наредната година“, кажа Бектеши.

Доколку деловниот субјект не успее да ја заврши инвестицијата или не успее да ја докаже минимум 80 отсто од вредноста на инвестицијата треба да ги врати средствата не подоцна од 01 март 2022 година.