Филипче: Во Куманово, Државниот санитарен и здравствен инспекторат констатираше пропусти, наодот е предаден во МВР; Денеска во тек е втор инспекциски надзор

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче на денешната прес-конференција информираше за најновите информации во врска со состојбата со КОВИД-19 вирусот во земјата.

 

„Денеска се регистрирани 36 оздравени пациенти, вкупно досега 337. Од нив двајца се од болничко лекување и 34, коишто се лекуваат во домашни услови од Скопје, Прилеп, Велес, Кочани, Пробиштип и Штип. На Инфективната клиника почина еден пациент на 80-годишна возраст, кој е лекуван на Клиниката од 21-ви април. Во изминатите 24 часа направени се 408 тестирања. Потврдени се 26 нови случаи и тоа по градови во Скопје 11, во Куманово двајца пациенти, во Тетово три, во Струга шест, Битола еден, во Гостивар Виница и Неготино исто така по еден дијагностициран пациент. Вкупната бројка на дијагностицирани во нашата земја изнесува 1.326 и вкупно направени се 14.057 тестови“, изјави министерот Филипче.

Филипче информираше дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се примени тројца пациенти, вкупно се хоспитализирани 61 пациент, од кои шест се на механичка вентилација. Во болницата „8-ми Септември“ хоспитализирани се 24 вкупно потврдени пациенти, со потешка клиничка слика се шест пациенти, кои се на респираторна машина. Во останатите болнички установи каде што има инфективни одделенија, каде што се хоспитализирани пациентите согласно последните информација, како што додаде министерот Филипче, нема некоја промена во однос на нивната клиничка состојба.

„Денеска пристигнаа 12 респиратори и 5.000 заштитни маски N95 како дел од помошта на Европската Унија, која што во вкупна вредност изнесува четири милиони евра. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам за донацијата. Имав телефонски разговор со евроамбасадорот Самуел Жбогар, многу беше тешко да се обезбедат респираторни машини имајќи предвид дека многу земји во светот практично забранија извоз на оваа медицинска опрема од своите земји. Овие 12 респираторни машини се дел од вкупно 20- те што треба да пристигнат во нашата земја како помош од ЕУ. Овие 12 ќе бидат распределени на Инфективната клиника и во болницата „8 – ми Септември“, потенцираше министерот Филипче.

Тој посочи дека во функција е амбулантско - терапевтскиот дел во Институтот за физикална медицина и рехабилитација и дека темелно е извршена дезинфекција, чистење на целокупниот простор во институцијата во Козле. Вработените, кои што беа позитивни поминале асимптоматски или со сосем лесна клиничка слика. Петмина се излекувани, а за уште пет се очекуваат повторните контролни брисови.

„Во Куманово, Државниот санитарен и здравствен инспекторат констатираше низа пропусти по што, тој беше предаден во Министерството за внатрешни работи и очекуваме тие да се произнесат во однос на наодите, а од текот на денешниот ден се спроведува и втор инспекциски надзор. Резултатите ќе бидат готови вечерва или утре изутрина, по што ќе ја известиме јавноста“, рече министерот Филипче.

Во однос на Одлуката за задолжително носење на заштитна опрема на лицето и на отворено, тогаш кога не може да се одржи препорачаната дистанца од два метри, министерот Филипче појасни: „Иницијално, препораките на Светската здравствена организација (СЗО) беше да не се носат маски, посебно лица коишто се здрави, но исто така е факт дека во меѓувреме излегоа многу студии и препораки, а и искуства од многу други земји, имајќи го предвид сè уште неточно утврдениот начин на ширење на вирусот освен оние докажани досега, како и фактот дека сега е дефинитивно јасно дека има голем број асимптоматски носители. Многу земји во светот, а и ние, како една наша политика ја воведовме оваа мерка, заради тоа што, сметаме дека сега во оваа фаза, после сите сознанија коишто ги имаме за вирусот, е неопходна и оваа мерка, која значајно ќе придонесе да се намали ширењето на вирусот. Сакам да потенцирам, дека ова се однесува на затворен простор и на отворен простор тогаш кога нема да може да се одржи препорачаната дистанца од два метри со луѓето во непосредната близина“, потенцираше министерот Филипче.

Тој истакна, дека ситуацијата во Дебар подолго време е стабилна, активни се само неколку, односно три случаи и потврдено е дека нема нови случаи, што практично беше основа за старт на скринингот.

„По официјалните разговори со матичните лекари, коишто ни укажаа за некои работи за кои тие сметаат дека се проблематични во однос на спроведувањето на целиот овој скрининг, таму се испратени тестовите и во овој период којшто следи, оваа Програма, скрининг целосно ќе се спроведе во три категории на граѓани. Како стратегија во следните три месеци, како испитување на имунитетот на населението треба да се спроведе и на територијата на целата држава, меѓутоа во некоја подоцнежна фаза на епидемијата кај нас“, додаде Филипче.

Министерот Филипче во однос на информациите, коишто излегоа во јавноста и во повеќе наврати како контакти од патронажните сестри, коишто до сега се вработени со договор на дело, на период од шест месеци, којшто рок истекува сега на крајот на април, информираше дека договорите на сите коишто се заинтересирани да продолжат да работат ќе бидат продолжени. Тој додаде дека, средствата од страна на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) се обезбедени и ќе бидат вработени дополнителен број на патронажни сестри, таму каде што ќе се покаже интерес за сите нив, согласно големата потреба на здравствени работници во сите Јавни здравствени установи (ЈЗУ). патронажните сестри се вклопија во еден систем на работа во рамките на нивните ЈЗУ и во рамките на нивните средини, давајќи здравствени услуги на населението и за сите нив се обезбедени потребните финансиски средства.

На сите верници од Исламската вероисповед, министерот Филипче им го честиташе празникот Рамазан Бајрам. Тој се заблагодари што се почитуваат мерките и порача дека заеднички ќе излеземе од оваа криза посилни истакнувајќи дека мерките и стратегиите се покажаа како исклучително добри и точни.

„Сакам да им честитам на колегите од Институтот за јавно здравје и Комисијата за заразни болести за исклучително високото ниво на професионализам кое го покажаа за време на својата работа и секако на клиничката страна на лекарите, колегите коишто работат со пациентите на коишто им е потребна хоспитализација односно третман. На база на сите овие проекции изградивме една успешна стратегија, сметам дека засега таа дава резултатите. Сакам да се заблагодарам и на граѓаните, коишто доследно ги почитуваат мерките, одговорното однесување е клучот за надминувањето на епидемијата. Само со почитување на овие мерки ќе се стави крај на оваа криза. Нема да дадат ефекти мерките доколку не се почитуваат, во таа смисла сакам да потсетам дека е тоа многу важно. Ние воведовме една комбинирана мерка, со којашто се намалува рестриктивниот полициски час, се зголемува бројот на часови во коишто граѓаните може да се движат и тоа да се прави со задолжително носење на заштитна опрема на лицето, покривка на устата и на носот и тоа не е случајно така, заради тоа што ги имаме предвид апсолутно сите можности и сите фактори, коишто влијаат на ширење на вирусот. Да останеме доследни во почитувањето на мерките за да можеме што побрзо постепено да го враќаме животот во нормала“, порача министерот за здравство Венко Филипче на редовната прес-конференција.