Филипче: Се дистрибуира донацијата од еден милион заштитни маски во сите здравствени установи; До крајот на неделата уште две дополнителни лаборатории за тестирање на КОВИД - 19

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче на денешната прес-конференција информираше за состојбата со коронавирусот во нашата земја.

„Во изминатите 24 часа во Инфективната клиника во Скопје починаа четири лица, пациенти со навистина тешка форма на болеста на возраст од 79, 58, 63 и 67 години. Имаме и тројца оздравени, тоа се пациенти кои се лекуваа во Штип, под контрола на локалните инфектолози. На Инфективната клиника примени се тројца нови пациенти, сега се хоспитализирани вкупно 68, од нив осум се на механичка вентилација. Во моментов се доопремува делот на мобилната болница и во следните два дена ќе биде ставена целосно во функција со вкупниот капацитет на кревети од над 100, со што практично можноста за хоспитализација, односно капацитетот на Инфективната клиника ќе се дуплира“, потенцираше министерот Филипче.

Тој информираше дека во Градската општа болница „8-ми Септември“ e хоспитализиран 31 пациент. Од нив, на респираторна машина се шест пациенти. Во болницата во Битола, хоспитализирани се пет пациенти. Тие се во стабилна здравствена состојба, немаат тешка манифестација на форма на болеста. Во Штип се хоспитализирани вкупно девет пациенти.

„Вкупниот број на новодијагностицирани изнесува 26 случаи. По градови: во Скопје - 4, Куманово - 11, Прилеп - 3, Тетово - 4, Велес -2, Кочани - 1, Пробиштип - 1. Со ова, вкупната бројка на новодијагностицирани пациенти од КОВИД-19 вирусот во нашата земја изнесува 854, а вкупниот број на направени тестирања досега е 8.552“, рече министерот Филипче.

Според него, во текот на неделата, во функција ќе се стават две дополнителни лаборатории на досегашните, лабораторијата во МАНУ и лабораторијата во Институтот за судска медицина, каде денеска, комисија од стручни лица, од лабораторијата и Министерството, прават стручен надзор. Со ова, дополни министерот за здравство, капацитетот на тестирања во текот на денот се зголемува за 50 до 100, со што ќе се елиминира долгото чекање на резултати кои во одредени ситуации се случува со оглед на големиот број на брисеви кои стигнуваат во лабораторијата во ИЈЗ (Институтот за јавно здравје)“, рече министерот Филипче.

Министерот Филипче изјави дека во Дебар нема нов дијагностициран пациент, сите пациенти закрепнуваат и се чекаат и вторите тестови за да се види дали тестовите се негативизирани.
„Ќе направиме еден скрининг во бројка од 20 до 30 проценти од вкупното население. Во регионите, во коишто досега имаше практично мерки во смисла на рестрикција на движење, воведени уште пред вонредната состојба ќе се процени имунитетот што ќе биде одличен пример за тоа што би можеле да очекуваме и на ниво на целата држава, во оној момент кога ќе одлучиме дека треба да се прави таков скрининг од антитела согласно времето на епидемијата“, посочи министерот Филипче.

Тој истакна дека веќе е направен распоредот за делење на заштитните маски кои стигнаа како донација од Чешката Република. Тоа се еден милион маски, кои ќе бидат дистрибуирани по сите установи согласно распоредот, потребата и интензитетот на употреба. Кон крајот на оваа недела се очекува да стигне и помошта од Соединетите Американски Држави во заштитна опрема, после што таа ќе биде или соодветно дистрибуирана или ќе бидат надополнети резервите во Министерството за здравство.